X
 13.05.2019 Економија

Средна и Источна Европа веројатно ќе ги надминат другите растечки пазари

Иако оваа и следната година се очекува циклично забавување на глобалниот раст, подрачјето на Средна и Источна Европа ќе ги надмине останатите растечки пазари со резултатите, соопштија експертите од „Уни кредит“.

На бизнис-форумот на Европската банка за обнова и развој тие ги претставија економските изгледи за 2019-2020 година, истакнувајќи дека во тој период очекуваат циклично забавување на глобалниот раст, пред сѐ, како последица на очекуваните технички рецесии во САД, каде што актуелниот период на раст веројатно ќе потрае најдолго во историјата.

Наведуваат и дека забавувањето на глобалната трговија веќе се материјализирало, при што ова лето се очекува краткорочно закрепнување благодарение на веројатниот скок на германското производство, потенцијалниот трговски договор меѓу САД и Кина и поволните глобални услови.

Од друга страна, експертите предвидуваат дека Средна и Источна Европа ќе ги надминат другите растечки пазари со резултатите.

- Како и остатокот од светот, така и Средна и Источна Европа ќе бидат под влијание на глобалното забавување. Меѓутоа, тој регион би можел да биде подобро позициониран за соочување со надворешните неповолни движења од другите растечки пазари благодарение на силата на домашната побарувачка, поволната монетарна политика и помалото потпирање на краткорочното нестабилно надворешно финансирање. Се очекува економското опкружување во 2019 година да остане поволно - стои во соопштението.

Се очекува Полска, Унгарија, Бугарија, Словачка, Србија и Словенија да остварат раст поголем од 3,2 отсто на годишно ниво.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија