X
 26.03.2024 Наука

Природата не заздравила во текот на карантините поради ковид-19

Откако улиците се испразнија во текот на карантините поради пандемијата на ковид-19, луѓето почнаа да пријавуваат повеќе движења на животни низ градските улици, кои обично не се осмелуваат да стапнат во хаосот на нашите раздвижени градови.

Надежната приказна „Природата заздравува“ се појави со серија сè поапсурдни мемиња и низа истражувања кои ги разгледуваат пријавените промени во природата.

- Можам да разберам зошто сакавме да веруваме во тоа. Она што животните го правеа како одговор на луѓето беше супер варијабилно, што малку нѐ изненади - истакнува Кол Бартон, конзервациски биолог од Универзитетот во Британска Колумбија.

Наместо тоа, користејќи илјадници стапици за камери кои сега се распоредени низ целиот свет, Бартон и неговите колеги откриле дека додека некои места доживеале зголемување на активноста на цицачите, други забележале намалување.

- Ние сме значителна опасност за повеќето животни. Тие оправдано се плашат од нас и ќе направат сѐ за да нѐ избегнат, дури и додека се потпираат на нас за ресурси. Но, со оглед на тоа што 8 милијарди од нас сега ја покриваат земјата на Земјата, бегањето од нас стана тешко - велат научниците.

Така, истражувачите ја споредиле активноста на цицачите за повеќе од 300.000 денови снимени со камери, пред и за време на пандемијата, користејќи податоци од 102 локации во 21 претежно европска и северноамериканска земја, кои вклучуваат 5.400 стапици за камера. Изненадувачки, тие откриле дека во живеалиштата модифицирани од човекот, активноста на животните всушност се зголемува со човековата активност, за околу 25 проценти.

- Оваа активност беше повеќе ноќна, што посочува дека животните кои опстојуваат во овие развиени средини може да бидат привлечени од антропогени ресурси, но сепак бараат начини да се минимизираат средбите со луѓето - теоретизираат истражувачите во нивниот труд.

Еленот со црна опашка (Odocoileus hemionus), на пример, бил поприсутен во урбаниот парк во близина на Ванкувер откако паркот повторно бил отворен по карантинот.

- Овој контраинтуитивен резултат веројатно се должи на фактот дека пумата, главниот предатор на елените, го зголемила присуството кога луѓето беа отсутни за време на карантинот, но потоа се повлекла кога паркот повторно се отворил - изјавил Бартон.

Тимот открил дека месојадците го зголемуваат своето присуство додека нашата активност се намалува. Во 2021 година податоците откриле зголемено присуство на пуми во урбаните области, за време на карантините во 2020 година. Месојадците се покажале како најчувствителни на промените во човековата активност. Кога нашата активност се зголемила, предаторите се повлекле и станале повеќе ноќни животни.

- Ова го мотивира континуираното нагласување на однесувањето и управувањето со месојадците, како клучен предизвик за соживот меѓу луѓето и дивиот свет, со оглед на загрозениот статус на многу месојадци, ризикот од негативни исходи од средбите меѓу луѓето и месојадците и еколошката важност на месојадците, како видови кои силно комуницираат - пишуваат истражувачите.

Генерално, Бартон и тимот не откриле глобална системска промена во активноста на цицачите за време на пандемијата. Нивната работа посочува дека регулирањето на нивоата на нашата активност во урбаните области во текот на ноќта и во помалку развиените предели може да биде корисно. Ова ќе им обезбеди на видовите простор да спроведуваат суштински интеракции. За жал, дивите области се соочуваат со зголемен притисок од популарната рекреација на отворено, туризмот, нелегалниот лов и екстракција на ресурси.

Како што претходно изјавиле истражувачите, зголемените набљудувања на дивиот свет околу нашите домови веројатно најмногу се должат на луѓето кои имале време да ги забележат. Нашиот соживот со дивиот свет се базира претежно на желба. За време на шестиот настан за масовно истребување, би можеле да спасиме нешто од континуираните пандемични предизвици со тоа што ќе научиме како да ја споделиме нашата планета со другите видови.

На крајот на краиштата, нашата благосостојба е поврзана со нивната.

Извор: Science alert

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука