X
 29.03.2021 Здравје

Филипче: Вакцинацијата на граѓани над 75 години почнува в среда, закажувањето ќе оди преку матичните

Министерот за здравство Венко Филипче информира дека во крајна фаза се сите административни работи во Агенцијата за лекови во врска со дозволата за серијата на вакцината на „Астра зенека“ против Ковид-19, која вчера стигна во нашата земја. Вакцините денеска и утре ќе бидат дистрибуирани по градовите, а од среда ќе почне вакцинацијата на граѓаните над 75-годишна возраст. Вакцината е безбедна за граѓаните, апелираше Филипче, а ревакцина за истата ќе биде за 3 месеци од примањето на првата вакцина.

- 20.000 граѓани што се веќе пријавени и се на возраст над 75 години, во текот на денешниот и утрешниот ден преку матичните лекари ќе добијат термини согласно местото на живеење, во кој пункт и точно во кое време од среда натаму да се јават на вакцинација. Разговараме со повеќе институции, заинтересирани државни институции, постепено се генерираат и други списоци од други извори за понатаму во текот на месецот да бидеме спремни за и други категории граѓани да се вклучат во процесот на имунизација - изјави Филипче.

Според најавите, информираат од Министерството за здравство, останатата количина од 100.000 дози од оваа вакцина, преку КОВАКС-механизмот во нашата земја треба да стигнат до крајот на април.

- Јас утрово комуницирав со српскиот колега Лончар, кој чекам да ми даде електронски податоци за наши граѓани што се вакцинирале, прво за да ги имаме во евиденција, а понатаму и за да испланираме ревакцината да ја примат тука - изјави Филипче.

Министерот посочи дека во тек е подготовка и на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што би се одвивала масовна вакцинација на граѓаните, овој голем пункт за имунизација треба да се заврши до крајот на неделата, а во текот на април се очекува да стигнат вакцини од повеќе места.

- Тука ќе има едно 30-ина позиции, лекари и сестри од Здравствен дом ќе ја спроведуваат вакцинацијата, тогаш кога ќе стигнат и дополнителните количини што ги очекуваме од Кина, а според најавите од кинеската амбасада, сега тие интензивно работат во делот на обезбедување на точниот датум на транспорт. Компанијата „Фајзер“ конечно го потврди одговорот, се откажа од тоа како услов за договорот да има специјален компензациски фонд и во текот на петокот, како што веќе објавивме, стигна потврда дека оваа недела треба да се потпишат договорите со земја-членка на ЕУ како трипартитни договори и тоа е повторно со компанијата „Фајзер“. Значи април ќе биде месец кога очекуваме вакцини да стигнат од повеќе места и навистина по оваа приоритетна група на граѓани над 75 години и други граѓани да се повикаат и да бидат вакцинирани - изјави министерот.

Што се однесува до состојбата со хоспитализирани ковид-пациенти, изминатата недела посебно, но и викендов огромен број пациенти побараа болничка заштита или таа им беше индицирана.

- Ние во делот на координација и консултација со сите директори на јавно-здравствените установи каде што се лекуваат пациенти од Ковид-19 во Скопје направивме целосна реорганизација и на хируршките клиники и на клиниката за педијатрија и сега имаме дополнителни стотина кревети празни во овој момент на Клиниката за урологија и два ката на Клиниката за педијатрија каде што може да се примат пациенти и тоа е нешто што ќе биде на некој начин резерва за овие следни денови. Од утре почнува да се користи капацитетот на болницата „Козле“, овој центар за рехабилитација во Капиштец каде што е веќе поставен кислород на еден од катовите, 40-ина кревети се оспособени да примаат пациенти, а инсталацијата ќе продолжи во следните денови додека не се постави кислородот на сите 180 кревети, значи тоа е еден сериозен резервоар на резерва на слободни кревети кој може да служи за пациентите и во Скопје и во останатите градови - изјави Филипче.

Реорганизација на капацитетите се први и во Куманово, Штип, а во координација со болниците во Кочани, Струмица со Гевгелија, кажа Филипче.

- Во Кавадарци сериозно е намален притисокот, има сериозно намалување на инциденцата во однос на тоа што беше претходен двонеделен просек што ни дава за право да мислиме дека еве веќе тој е циклусот од 6 до 8 недели, онака како што беше и оној бран во ноември. Исто така, има доволен капацитет во Велес, Тетово и во Гостивар, кои излегуваат во пресрет на третман на пациентите и од Кичево и на истиот начин е координацијата помеѓу Струшката и Охридската болница, во Прилеп и Битола не се во функција модуларните болници, нема потреба, а се спремни да бидат ставени доколку за тоа се укаже потреба како резултат на поголем наплив на пациенти, така што сакам да им укажам да граѓаните да ги почитуваат мерките, ова е навистина еден специфичен период, има доволно болнички места, нема потреба за паника, меѓутоа, со почитувањето на превентивните мерки сите помагаме трансмисијата на вирусот да се намали - изјави Филипче.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје