Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун користи свој личен оклопен воз за патувања во другите земји. Возот го наследил од татко му, кој некогаш патувал во Кина и во Виетнам. Ким со ова возило допатувал во Владивосток, каде што разговарал со рускиот претседател Владимир Путин.
Оклопниот воз бил подарок за Северна Кореја од Сталин. Локомотивата и вагоните во повеќе наврати биле модернизирани во изминативе децении, а композицијата ја сочинуваат 10 до 17 оклопни вагони. Без телохранители севернокорејските лидери никогаш не патувале, поради што оваа железничка композиција претставува вистинска тврдина.
Иако однадвор возот изгледа доста скромно, внатре е вистински дворец на шини. Вагоните се различни, па така има и ресторан, и кујна, и таканаречен „економски“ вагон што лидерот на Северна Кореја го користи за советување во текот на патувањето. Предвидени се и посебни вагони за телохранителите и за послугата.
Секој вагон е непробиен благодарение на најсовремената технологија. Додека патничкиот вагон тежи 60 тони, вагонот на севернокорејскиот лидер тежи околу 80 тони. За него е користен специјален материјал за криење од шпиони што би можеле да го следат лидерот. Очигледно е дека севернокорејскиот државен врв стравува од надзор од Јапонија и од САД. Не се знае многу за оваа технологија, меѓутоа, се знае дека во возот постојат средства за заштита од звучни и радарски шпионски уреди. Сите канали за комуникација во возот се кодирани за заштита од прислушување.
Возот поседува систем за херметички да се затвори и за принудна вентилација. Овие функции би му
овозможиле на лидерот да преживее во случај на нуклеарен, хемиски или бактериолошки напад.