X
 26.06.2021 Наша тема

Колумна на Стефан Симовски: Учењето единствено на таблет не е никаква придобивка во образованието!

Скепсата на стручната јазвност е сосема оправдана затоа што учењето единствено со дигитални учебници не е гаранција за успех! Обезбедените платформи и компјутерски програми сами по себе не придонесуваат за успех

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност


Без разлика дали станува збор за онлајн-час, презентација или дигитално наставно ливче, во услови на пандемија логично е дигитализацијата да ни го привлече вниманието. Оттука само по себе се наметнува прашањето дали и во каква форма дигиталните наставни содржини можат да придонесат за поквалитена настава и во која форма можат да го промовираат учењето, а особено на која возраст учениците можат да имаат полза од дигитализацијата. Истражувања направени оваа и минатата учебна година покажаа дека е невозможно секој наставен предмет да се изучува само преку дигитални учебници односно дигитални наставни содржини. Затоа е несфатливо да им се наметнува на учениците секој наставен предмет да го изучуваат на таблет.

Истражувањата, особено кај учениците од основните училишта, покажуваат дека учењето странски јазик и математика онлајн и единствено преку дигитални содржани им е многу тешко. Учениците сметаат дека, на пример, аритметиката, им е премногу апстрактна и речиси е невозможно да ја научат на ваков начин. Тоа значи дека обидот за учење на т.н. вистински аритметички вештини кај основците преку дигитални содржини на извесен начин веќе доживеало неуспех. За разлика од учениците од основните училишта кај средношколците ефектот од онлајн-наставата и дигиталните наставни содржини е поголем. Но, кај учениците со послаб успех ефектот со целосна примена на дигиталните наставни содржини по овие предмети е многу помал.
Единствената предност кај дигиталните наставни содржини е во тоа што најголем дел од нив се достапни бесплатно, и тоа на повеќе јазици.

Колку успешно може да функционира е-учењето?


Благодарејќи им на новите технолошки можности, сосема е разбирливо дека можностите за учење постојано се развиваат. Е-учењето навистина делува примамливо на прв поглед. Без разлика дали сте на обука, на работа, во училиште понудата на дигитална наставна содржина побудува љубопитство. Но, мора да имаме предвид дека дигиталните учебници и дигиталните наставни содржини сами по себе не се никаква гаранција за успех. Ваквите наставни содржини поставуваат високи барања и за наставниците и за учениците. Работата со ваков тип на наставни помагала бара и енормно висок степен на самодисциплина во учењето. Тоа налага целосна интеграција на сопствените силни страни. При реализацијата на овој тип настава целосно се менуваат и организациските структурни процеси на наставата, а таа за жал единствено е фокусирана на севкупниот резултат што треба да го постигне ученикот. Скепсата на стручната јазвност е сосема оправдана затоа што учењето единствено со дигитални учебници не е гаранција за успех!

Потреба од разновидност и флексибилност во наставата, а не само понуда на дигитални содржини

Многумина во денешно време не можат да замислат едукативни понуди без дигитални медиуми. Тоа покажува дека понудите за е-учење се подеднакво популарни и актуелни овие денови. Како последица на пандемијата сосема е разбирливо дека никој повеќе не смее да ја игнорира дигиталната трансформација на печатеното. Понудите за дигитално учење и дигитални учебници секојдневно се присутни.

Е-учењето, се разбира, нуди широк спектар на пристап до знаење. Наместо формалното учење кое е целосно диригирано, во дигиталниот свет постојат т.н. спонтани наставни содржини до кои лесно можеме да пристапиме. Точно е дека дигиталните наставни содржини може да ги ползуваме во многу ситуации. Друга предност на е-учењето е неговата практична примена. Вежбите и задачите можеме полесно сами да ги следиме. На овој начин се очекува учениците да постигнуваат успех во учењето побрзо отколку без дигитални наставни содржини. Но, за жал, поради темпото на работа кое го налагаат дигиталните наставни содржини најчесто тоа е осудено на неуспех.

Обезбедените платформи и компјутерски програми исто така сами по себе не придонесуваат за успех. Ова несомнено го покажа годинашната онлајн-настава. Тоа значи дека е-учењето по многу наставни предмети е тешко. Дури и најдобрата наставна содржина носи ризици зашто кога станува збор за настава многу е поважен одност наставнк-ученик отколку дигитализацијата на наставната содржина. Затоа многу е поважно како да допреме до ученикот, а не дали сме беспрекорно вешти со ползувањето на платформата и програмите. Платформите и програмите се успешни само тогаш ако успеат да создадат атмосфера на меѓусебна доверба помеѓу наставникот и ученикот во интерактивно опкружување за учење, а потоа постоењето на релевантни и ажурирани материјали и извори на информации. Се разбира не може секој печатен материјал да се користи преку интернет за реализација на настава. При дигитална настава мора да постои јасен фокус на целите на учењето. Затоа сите задачи и материјали треба да одговараат на целите на учењето, независно од форматот. При учењето странски јазик потребно е учениците да работат и во групи. Треба да имаме предвид дека намалената физичка активност влијае негативно во вистинска смисла на зборот. Постојаното седење на клупа „го потиснува умот“ односно го забавува ентузијазмот и влијае на мотивацијата. Ова е причината зошто наставниците и учениците треба да ги интегрираат активните паузи во секојдневниот живот. Телото треба да се движи активно барем еднаш на секои 60 минути.
Покрај вежбите за истегнување и кратките прошетки ја зголемуваат циркулацијата.

За реализација на ваков тип настава потребна е извонредна обука, перфектна дидактика и врвна технологија. Овие три услови заедно во идеална комбинација речиси се невозможни. Се разбира за успех мора да постојат и идеални предуслови во училиштата, но и покрај тоа нема гаранции за успех со учење само со помош на дигитален учебник. Иако во денешно време можностите што ги нуди интернетот се неограничени, напредокот во учењето не зависи само од технологијата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема