X
 20.04.2020 Колумни

Колумна: Ние!

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Моево денешно писание има вака кус наслов затоа што ќе се обидам да исцртам наш портрет, наш лик фатен од профил и анфас во услови на сѐ уште присутната, упорната и засега се чини несовладливата корона, несаканиот гостин кој ни се всели непоканет и засега не покажува намера да си замине. Ни ги запоседна домовите, работните места, улиците, омилените места, просторите што беа наши и сега ги думаме со носталгија и силна желба да им се вратиме. Она што е пострашно, ни влезе во срцата и умот, а со оглед на околностите, настаните и реакциите, се чини дека, за жал, тоа се локации во кои уште долго ќе живеат трагите од посетата на мачниот гостин, тогаш кога ќе успееме да го избркаме од дома. Локации од кои се гледа кои сме.

Не знам како да го наместам штафелајот денес, а да го доловам нашиот лик во неговиот вистинскиот израз, искрено. Се мислам кој би бил тој реален израз, кој навистина би покажал кои сме, какви сме, до каде сме стасале во човечкиот од и што е она што нѐ дефинира во овие мачни услови во какви што, се чини, досега не сме се нашле. Секако, и оној што би покажал зошто не сме такви какви што би требало да бидеме.
Ги мешам боите веќе некое време, сакајќи да постигнам нијанси кои би ја ублажиле онаа сеприсутна, остра и изразено грда црта на нашето лице, која прави да наликуваме на гримаса наместо на насмевка, на фаца со тажно дефиниран плафон наместо со прекрасна безграничност, со тесност наместо со ширина, со плиткост наместо со длабочина.
Не успевам најдобро во тоа нијансирање, искрено. Четката не може да се измами кога ќе тргне низ платното, ако сакаш да добиеш автентична слика на она што го гледаш, особено ако само така умееш, си велам самата себеси – да го исцртуваш она што го гледаш, чувствуваш и живееш конечно - такво какво што е.

И ете. Ме гледа еден нервозен, исплашен, нетрпелив, сезнаен и во сѐ упатен лик, чудно себичен и саможив кој во основа се одзива само на своето име, додека на сиот глас се декларира како борец во името на сите. Лик кој одбива да сфати со колку силен непријател има работа. Лик кој добива чуден, изобличен израз додека се повикува на правото на движење во услови во кои недвижењето е единствената опција за жив да се остане. Лик на кој му тежи да седи дома, со своите, на топло, со храна како за три месеци, со ТВ, со интернет. Онаму каде што лесно заборава дека надвор навистина има луѓе за кои тоа надвор е дома. И немаат што да јадат. И ладно им е. Онаму каде што му живее компјутерот, преку кој дознаваме колку му е тешко и колку на најситни парчиња му се искршени правата да биде надвор. На сонце. Во шума. Со децата. Со милениците. Со другарите. Со соседите. Сите оние инаку со кои кога ќе се сретнеше порано, ќе се поздравеше со флоскула дека се заборавиле, навистина и дека ќе се чујат. И толку. Ама сега сите сакаат надвор, оти таму има воздух кој дома, каде што мириса на гнездо кое го свиле за да им се вика Дома ете, не се седи. По цена да ги доведат во опасност дури и оние што ги создале. Оти каков е тој начин во затвор да седат, срамота.


Лик кој од дома ќе аплаудира на топлите, човечки пружени раце, кои во ова време-невреме ќе однесат некому пакети храна онака од срце и од себе, но ќе скока кога ќе слушне дека неговата плата ќе биде покуса за да има за другите. Оти зошто па од него да се земе, кога има таму некои други што имаат повеќе, нели. Заборава притоа дека и тој самиот има, ако даде на друг. Но ете, онаа грда црта на неговото чело покажува дека не умее да не заборави. Оправдувачка нијанса за тоа едноставно, немам.

Лик кој се бутка во редовите во битка за храна и лекови. Саможиво истопорен меѓу луѓе, незаштитен и покрај бескрајните апели. Оти тој вирусот не постои, всушност. Измислен е од таму некои горе кои ете, носат мигранти наваму и натаму, па да ни замачкаат очи. Оти сакаат да ни ги пуштат тука меѓу нас и да се чудиме после што нѐ снашло. А и таму тој некој 5Г, 5 гига ли што ли е, се монтира насекаде низ земјава со тие антените толкави и ете, птици паѓаат умрени. А и луѓе од тоа умираат, не од короната. Тие што ќе заминат, од друга болест им е. Само така ни се кажува. Ние ете, мора да седиме дома за да не ја видиме апокалипсата која ни се подготвува. Нијанса ни за ова немам, за жал. Сакам да нацртам небо како безграничност над главите. Не знам како.

Лик кој бара затворање. Лик кој плука дека затворањето е задоцнето. Всушност не, прерано е. Премногу е. Премалку е. Ќе се споулави дома. Лик кој заборава дека сме во војна и дека дома е оној нашиот, сигурниот бункер.
Лик кој секогаш знае како треба, но секако не онака како се постапува. Лик кој демократијата ја разбира како простор за плуканици и пукање со сета муниција во движечките мети. Особено кога разоружен, многу време молчел и никој за ништо не го прашувал. Затоа сега се знае.

Лик кој е способен да напише дека не му е јасно како има толку заболени лекари, човече, оти пред короната, кога и да барал лекар, жив лекар нема, а сега ете, од кај излегоа толку. Посебна, би рекла, освестувачка нијанса даваат коментарите во формат на сложување и здушни аплаузи за умното писание, кои покажуваат дека овој лик не е осамен. Напротив, се работи за групен портрет на луѓе кои и сега, во услови кога лекарите се фронтмените, нашите упорни борци на чело на колоната и единствените кои покрај сѐ можат да се изборат за нас во војната со ова чудовиште, се позиционирани онаму каде што не заслужуваат – во дискутабилните досетки кои дефинираат плиткост.

Лик кој посветено објаснува како таму во другите земји е поинаку и како таму нема вакви задушувачки ограничувања. Заборава притоа да каже дека таму живеат луѓе за кои и препорака е доволна. Затоа забрани и не постојат.

Лик кој е учител и пак ќе кажам, фатен анфас и профил, изморен, заглавен и поставен на погрешно место на сликата. Оти до него ги нема децата, а не е во состојба да види дека сега треба да се заедно повеќе од кога било, иако не се и дека за тоа има начин. Фатен во стапицата на морањето, се позиционира на место на кое се трансформира од сејач на семето што расне на хоризонтот и поттикнувач на детските мечти и желби за негување на истото во борец за себедокажување. Во полнач на затворениот ум, наместо во креатор на отворениот. Една мачна нијанса ја бои неговата позиција на сликата – заборава дека учител се вика токму заради децата. Која оправдлива нијанса тука да ја ставам?
Лик кој и во време на најубавиот ни христијански празник, анфас исплукува клетва и пцост повикувајќи се на Бога, додека одбива да прифати дека Бог е во него, во она што го прави, мисли и зборува. Во она што е тој самиот. Лик кој фатен во профил си го подига детето за да го причести со лажичка, во црква со која пред него се причестил некој друг. До него на платното, многу ликови кои бранат неодбранливо и кои не се во состојба да видат дека никогаш немало верници толку многу, а вера толку малку. Инаку, во вакво време, би мислеле едни на други. На ближните свои, пред сѐ. Би се облекувале во благост, питомост и осет за друг. Од дома, каде што празникот се бележи како верба дека ќе биде подобро, верба заради која би правеле сѐ што како луѓе треба да направат.

Многу ликови има нашиот портрет. Има меѓу нив и убави лица. Има. Убави во душата, во погледот, во топлината на она што го прават. Но како што е скроен животот, се чинат невидливи и тешко се уочуваат, а заради крстот на добрината на чело, не поминуваат лесно, кутрите. Сепак, останувам во верба дека еден ден сите ќе излеземе поинакви и ќе се научиме заеднички да исцртуваме еден друг портрет. Сите заедно. Оној од кој зрачи Човекот во нас.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни