X
 12.08.2022 Колумни

Колумна: Младите не се бескорисни суштества со две нозе и глава, туку нашата иднина

Нови генерации - нашата нова надеж, ново светло, наша иднина.

Кога ќе се споменат младите, 80% го мислат горенаведеното, што е вистинито и правилно, до некој степен дискутабилно, бидејќи има многу  предрасуди во однос на младите.

Да се биде млада личност во Македонија е слично на апстрактна именка. Можеш да ги видиш, да ги допреш, но не сакаш да ги сослушаш и да ги разбереш.

Денес е Меѓународен ден на младите, а половина од младите не го знаат тоа. Зошто? Бидејќи „таков ни е системот“. Дали системот нè направи незаинтересирани или општеството го направи системот незаинтересиран, не знам. Единствено што знам е дека треба да им се посвети повеќе внимание на младите генерации во државава, не само денеска, туку секој ден.

Новите генерации се доста критикувани, осудувани, а некогаш и недоволно ценети.

Кога некоја млада личност ќе го искаже своето мислење, кое е спротивно од она на некој повозрасен, или ќе се заинтересира за проблемите во државата, веднаш наидува на негативни коментари од типот: „Ти најде да кажуваш што вчера научи да зборуваш“, „Однесувај се според годините“, „Јас на твои години не можев збор да кажам“ и слично, што доведува до моментален конфликт на одредена група на луѓе. Оттука произлегува несигурноста на младите и тука лежат повеќе проблеми кои влијаат на нашата иднина. Додека не научиме да ги цениме младите таленти, оние успешните, додека не научиме да ги сослушаме „децата“, ќе продолжиме да бидеме во ваква ситуација.

Зошто во воздухот мора да се чувствува тоа (на еден начин) натпреварување помеѓу повозрасната популација и младите генерации? Зошто не може да се најде заеднички јазик? Зошто младите на одредени години сè уште не можат јасно да си ги искажат мислењата и проблемите? Ова не е проблем само во Македонија, постои во повеќе држави (Србија. Босна, Турција, Бугарија и други, а тоа го потврдуваат тамошните медиуми).

Со ваквата позиција на младите светот не може да се развива бидејќи понекогаш однесувањето на возрасните знае да „убие“ многу паметни идеи, иновации и инвестиции.

На младите не треба да гледаме само како на суштества со две нозе и глава и да ги третираме како бескорисни поради нивната возраст бидејќи годините не се мерило за умот.

Треба вистински да ги гледаме како наша иднина (а не само колку да се каже), да вложуваме и да веруваме во нив, да се трудиме, исто како што се трудиме за нашата сопствена иднина да биде сјајна. Да им бидеме ветар во грб на младите...

Меѓународниот ден на младите е воведен со цел да се стави акцент на младите во општеството, да се насочи вниманието кон младинските проблеми, да им се посвети внимание со цел да се чувствуваат важни за општеството. Денот е признат од страна на Обединетите нации, и се одбележува низ светот од 1999 година.

...И по 23 години, светот не научи да ги цени младите, но се надевам дека тоа ќе успееме да го искорениме и ќе научиме повеќе да ги цениме генерациите што доаѓаат, за еден ден навистина тие да бидат нашата сигурна иднина.

Автор: Даница Среткоска, средношколка

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни