Султан Косен од селото Дерик, близу градот Мардин во Југоисточна Турција, е висок 2,51 метри и ја носи титулата највисок човек на светот денес.
Деновиве во неговото родно место се одржува натпревар по фотографија наречен „Национален фотосафари – Мардин“, па учесниците и членовите на жирито на овој натпревар решија да го посетат и Косен. Првиот впечаток е домот специјално осмислен за највисокиот човек на планетава.
Покрај висината од 2,51 м., Косен влезе во Гинисовата книга на рекорди и како човек со најдолги дланки (36,5 см) и најдолги стапала (36,5 см).
Косен им се заблагодари на фотографите за посетата и не го криеше задоволството. А учесниците на натпреварот ја искористија оваа можност да ја снимат и овековечат средбата.
Највисокиот човек на светот откри дека досега посетил 127 земји во светот, а истовремено се борел и со здравствени проблеми. Тој рече дека животот му минува под надзор на лекари, а неговото семејство живее од земјоделство.
Турчинот е среќен, како што рече, што имал можност да патува низ светот и да ја претставува својата земја.
Извор: МИА