X
 25.04.2020 Живот

Кои се највисоките православни храмови во светот?

Христијанството е една од најстарите, а воедно и најбројната религија во светот со околу 2,2 милијарди верници. Христијанството се дели на три групи или цркви: католицизам, протестанство и православие. Според одредени процени, православни верници се околу 260 милиони, или 11,81 % од христијаните. Во православни народи спаѓаат: Македонците, Србите, Бугарите, Грците, Црногорците, Русите, Украинците, Белорусите, Романците, Молдавците, Грузијците, Етиопјаните и др. Во продолжение ќе ги издвоиме и разгледаме највисоките православни храмови во светот, а како критериум за одредување е земена височината од подот на храмот до врвот на највисокиот крст на црквата, пишува Игеографија.


Највисок православен храм во светот е „Спас“ на романскиот народ, кој сѐ уште е во градба (главната конструкција е изградена). Црквата се наоѓа во градот Букурешт (Романија) и е висока неверојатни 135 метри.


Втора на листата е црквата „Храм на Христос Спасителот во Москва“ (Русија), која е висока 103,4 метри. Црквата била градена речиси 40 години, а првично осветена во 1883 година. Во 1931 година, за време на комунистичкото владеење во СССР била срушена со експлозив. Во периодот 1990-2000 година храмот повторно е изграден во неговата првобитна состојба.

Следна е катедралата „Свети Исак“, која се наоѓа во Санкт Петербург (Русија). Изградена е во 1858 година, а од 1931 година функционира како музеј. Инаку, максималната височина на оваа црква е 101,5 метар.

Четврта на листата е православната црква „Темишвар“, која се наоѓа во истоимениот град во Романија. Таа е составена од 11 кули од кои највисоката е висока 90,5 метри. Катедралата е изградена во нео-молдависки стил, кој е заснован од комбинација од повеќе стилови како што сe: романско православен, доцноренесансен, византиски и др.


Фото: igeografija.mk

Меѓу највисоките православни храмови во светот се наоѓа и храмот „Св. Троица“ во Тбилиси (Грузија), кој е висок 87,1 метри. Овој храм е изграден во традиционална грузиска црковна архитектура, а е осветен во 2004 година.


Исто така, импресивна градба има и катедралата „Св. Троица“ во Баја Маре (Романија). Надворешната конструкција е завршена во 2016 година, а со тоа катедралата има максимална височина од 85 метри.


Во листата со највисоки храмови се наоѓа и „Св. Сава“ во Белград. Всушност, овој храм има височина од 82 метри и е највисок и најголем на Балканскиот Полуостров. Храмот почна да се гради во 1935 година и за време на Втората светска војна изградбата е стопирана, но повторно продолжува од 1984 година. Денес во храмот се уредува неговата внатрешност.


Еден од највисоките православни храмови во светот е и црквата „Св. Троица“ во Санкт Петербург (Русија), која е висока 80 метри. Храмот е осветен во 1835 година, а во 1938 година за време на комунизмот е затворен. Во 1990 повторно е отворен за православните верници.


Иако според својата височина (47,5 м) не е една од 10. највисоки православни цркви во светот, „Свети Василиј“ во Москва (Русија) според својот изглед и архитектура се издвојува како една од најпознатите, најпопуларните и најфасцинантните православни цркви во светот.


Фото: igeografija.mk

Инаку, во Република Македонија меѓу највисоките и најголемите православни храмови се: „Св. Константин и Елена“, Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ и „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, црквата „Успение на Пресвета Богородица“ и „Св. Никола“ во Штип, „Св. Ѓорги“ во Кочани, „Св. Троица“ во Радовиш, „Св. Архангел Михаил“ во Виница, „Св. Никола“ во Куманово, „Св. Кирил и Методиј“ и „Св. Никола“ во Тетово и др.

Од манастирските цркви највисоки и најголеми се: „Св. Богородица Пречиста“ (Кичевски манастир), „Св. Јован Крстител“ (Бигорски манастир), „Св. Јоаким Осоговски“ (Осоговски манастир) и др.

Автор: Дарко Стојчески
Извор: igeografija.mk
Насловна фотографија: Соборен храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје (лева горна фото.), црква „Св. Никола“ во Штип (десна горна фото.), Бигорски манастир (лева долна фото.) и Осоговски манастир (десна долна фото.) - преземена од igeografija.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот