X
 24.10.2025 Живот

Градот што е најблиску до вселената - луѓето живеат само до 35 години

Ла Ринконада во Перу се смета за највисокиот град во светот и е дом на многу незаконски активности. Со надморска височина од 5.100 метри, локалното население живее со само 50 отсто од вообичаеното ниво на кислород. На оваа екстремна височина, атмосферата е значително разредена, па очекуваниот животен век изнесува само 35 години. Се верува дека нивните тела еволутивно се приспособиле така што создаваат двојно повеќе крвни клетки од нашите.

Луѓето во овој „проколнат дел од земјата“ доаѓаат единствено поради златото. Повеќе од 50.000 жители се населиле во овој непогоден предел, сонувајќи за богатство што можеби ќе го стекнат, и не сакаат да го напуштат иако им го загрозува животот.

Италијанецот Заза го истражувал ова место.



Каква е Ла Ринконада?


По тричасовно патување од градот Хулијака, Заза вели дека оваа дестинација е опасна и забранета за туристи.

- Практично станува збор за огромно сиромашно населено место. Чувствувам вртоглавица. Се наоѓаме на повеќе од 5.000 метри надморска височина, а велат дека над таа височина животот е неодржлив за човекот. Но, тука живеат повеќе од 50.000 луѓе. Неверојатно - вели тој.

Заедница на криминалци

Запуштениот рударски град е полн со криминалци маскирани како рудари.

- Тие ги ограбуваат минувачите, ги крадат работите што рударите ги заработуваат во рудниците, а потоа исчезнуваат и се кријат. Можат да извршат какво било кривично дело, а тешко е да се идентификуваат - раскажува Италијанецот.

Рударски живот


- Луѓето што работат во рудниците пребаруваат и прекопуваат камења барајќи мали зрнца злато. Тоа е навистина исцрпувачка работа, особено во вакви услови. Ја нарекуваат „ничија земја“. Тесните улици и сиромашните услови ја прават работата на полицијата исклучително тешка. Видов многу луѓе што злоупотребуваат алкохол, мислам затоа што нема многу забава, а животот е премногу тежок, па тоа се единствените моменти кога можат да заборават колку е тешко да се живее овде - вели Заза.

Еден полицаец објаснува дека жителите на Ла Ринконада кои ги ограбуваат рударите ги трошат украдените пари на алкохол и дрога. Ова се вклопува со локалната традиција според која „полесно се наоѓа злато кога си пијан“.

- Да, тука тоа е обичај. Кога пијат, пијат многу. Колку повеќе пијат, толку повеќе рудници наоѓаат. Малку чудно, но така е. На влезот од рудниците се наоѓа она што го нарекуваат „чичо“ или „дедо“ - некаков мал бог. Таму има мали статуи на кои рударите секојдневно им принесуваат дарови, од цигари до алкохол, во надеж дека ќе им помогнат во потрагата по злато. Легендата вели дека ако најдат злато, парите мора да ги потрошат на пороци.

Извор: Nova.rs 
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот