X
 26.10.2018 Технологија

„Епл“ и „Самсунг“ осудени поради забавување на телефоните

Италијанските истражители утврдија дека ажурирањата на мобилните телефони се направени така што ги оптоваруваат старите модели за да ги принудат корисниците да земат нов уред, поради што судот ги осуди „Епл“ и „Самсунг“ на милионски казни.

Овие две компании се казнети поради забавување на постарите телефони преку ажурирање на софтверот. Тие, според мислењето на судот, на тој начин го скратувале работниот век на постарите модели на телефони, принудувајќи ги корисниците на ново купување.

Истрагата почна на почетокот од годината, кога беше утврдено дека некои телефони забавуваат откако ќе се ажурираат. Во пресудата се истакнува дека „Епл“ и „Самсунг“ имплементирале нечесна комерцијална пракса. Се додава дека ажурирањата предизвикале сериозни дефекти и значително ги намалиле перформансите за да се забрза процесот на замена на телефонот.

И додека до некаде се подразбира дека новиот софтвер потенцијално ги загрозува старите модели, обично корисниците се предупредуваат пред инсталација на ажурирањата. Тоа во овој случај не се случило, ниту пак е овозможено да се врати оригиналната функционалност на уредот. Така, се наведува дека „Самсунг“ ги охрабрувал корисниците на „галакси ноут 4“ да инсталираат нова верзија на оперативниот систем „Андроид“. Со оглед на тоа дека новата верзија е наменета за поновиот модел „галакси ноут 7“, корисниците на постарите уреди се соочиле со забавување на работата.

Слично се однесувале и од „Епл“, од каде што им рекле на корисниците на „ајфон 6“ да инсталираат оперативен систем дизајниран за „ајфон 7“, што предизвикало многу проблеми.

Поради тоа, овие две компании се казнети со по пет милиони евра. Американската компанија добила казна од дополнителни пет милиони бидејќи не предупредила на ефектот кој ќе биде предизвикан при работата со батерија „ајфон 6“.

Компанијата од Купертино подоцна се извини, признавајќи дека намерно ги забавувала телефоните за да се избегне гасење. Сепак, никогаш не признаа дека намерно им го скратувале животот на телефоните. Од „Епл“ подоцна понудија и замена на батеријата по намалена цена. Покрај тоа, имплементиран е и софтвер кој овозможува исклучување на опциите за забавување на процесорот на телефонот.

„Самсунг“, пак, немаше вакви проблеми, барем досега. Оттаму не сакаа да признаат дека намерно ги забавувале уредите.

Интересно е што ова не е единствената тужба бидејќи француското правосудство на големо се подготвува да покрене обвиненија по истите основи. Француските казни се поостри, па санкциите подразбираат казна до 5 отсто од приходите на компаниите, па сè до затворска казна.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија