X
 26.10.2022 Живот

СЗО ја објави првата листа со причинители на габични инфекции кои го загрозуваат глобалното здравје

Светската здравствена организација (СЗО) ја состави првата листа со габични патогени кои претставуваат најголема закана за здравјето на луѓето, предупредувајќи дека некои видови стануваат сѐ поотпорни на лекови и се сè пораспространети.

Телото на ОН, кое има слични списоци за вируси и бактерии, објави дека габичните инфекции и нивната зголемена отпорност на лекување претставуваат сѐ поголем ризик.

Историскиот недостиг на фокус врз опасноста од габични патогени значи дека постојат големи празнини во знаењето, како и недостатоци во следењето, лекувањето и дијагнозата.

Тешко беше дури и да се процени обемот на заканата поради недостиг на податоци, нагласи СЗО, апелирајќи до владите и научниците да направат големи напори за да го засилат одговорот на 19. габични инфекции од списокот.

- Излегувајќи од сенката на пандемијата на бактериска антимикробна отпорност, габичните инфекции се шират и стануваат сè поотпорни на лекување, станувајќи проблем за јавното здравје на луѓето низ светот - изјави доктор Ханан Балхи, помошник-генерален директор на СЗО за антимикробна резистенција.
Габичните инфекции често ги погодуваат луѓето кои се веќе сериозно болни, како што се пациентите со рак или туберкулоза, а стапките се зголемија кај хоспитализираните пациенти со ковид-19 за време на пандемијата.

Постојат само четири вида лекувања, со многу малку нови опции во развој.

Климатските промени, исто така, значат дека се шири зачестеноста и географскиот опсег на патогени, нагласи СЗО.
Отпорноста делумно е предизвикан од прекумерната употреба на антифунгални средства во земјоделството.
Списокот ги дели патогените во три категории врз основа на нивното потенцијално влијание и податоците за ризикот од нивната отпорност: критичен, висок и среден приоритет.

Групата со критичен приоритет ја вклучува Candida auris, која е многу отпорна на лекови и предизвика многубројни епидемии во болниците низ светот, како и Cryptococcus neoformans, Aspergillus fumigatus и Candida albicans.

Групата со висок приоритет вклучува голем број други габи од семејството кандида, како и други како што се мукоралес, група која содржи габи кои предизвикуваат мукормикоза или „црна габа“, инфекција која брзо се шири меѓу сериозно болните луѓе, особено во Индија, за време на епидемијата на ковид-19.

Групата со среден приоритет вклучува голем број други габи, вклучувајќи ги Coccidioides spp и Cryptococcus gattii.

Извор: МИА


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот