X
 17.01.2019 Здравје

Антикампањите за вакцини се меѓу 10. здравствени закани за 2019 година, според СЗО

СЗО ја наведе антикампањата за вакцини како една од топ-10. закани за здравјето со кои ќе се соочува светот во 2019 година.

Овој феномен се појави во многу земји низ светот. Податоците од центрите за контрола на болести и превенција покажуваат дека иако покриеноста на повеќето препорачани вакцини останала релативно стабилна и висока во 2017 година за американските деца на возраст од 19 до 35 месеци, процентот на луѓе што не добиле вакцина се зголемил за четири пати од 2001 година.

Меѓу земјите со забележителни движења на антикампања за вакцини е и Австралија, каде што околу 40.000 деца се невакцинирани поради одбивањето на нивните родители; и Италија, која воведе нови правила во 2018 година со кои се укинаа задолжителните вакцини потребни за децата да бидат примени на училиште.

Според СЗО, човештвото постигна значајни чекори во изминатите неколку децении кога станува збор за глобалното здравје: животниот век се зголеми во многу делови од светот, полио е на работ на искоренување, а смртноста на децата под 5 години се намали за 6 милиони деца во 2016 година, во споредба со 1990.

szo
Фото:WHO/South Sudan


Но, и покрај овие достигнувања, значајни глобални здравствени проблеми остануваат, почнувајќи од преваленцијата на смртоносни неинфективни болести до штетните ефекти од загадувањето на животната средина.

Оваа година се означува почетокот на 13. општа програма на СЗО - петгодишен стратешки план со цел да се создаде поздрав свет за сите, решавајќи ги преостанатите предизвици. Во продолжение се 10. најзначајни проблеми што СЗО и нејзините партнери ќе се обидат да ги решат во 2019 година.

Загадувањето на воздухот и климатските промени


СЗО смета дека загадувањето на воздухот е најголемиот еколошки ризик за јавното здравје во 2019 година, што не изненадува со оглед на тоа што 9 од 10 луѓе го дишат загадениот воздух, што доведува до приближно 7 милиони предвремени смртни случаи низ светот. Дишењето микроскопски загадувачки материи може да доведе до рак, мозочен удар и срцеви и белодробни болести.

Климатските промени исто така се очекува да имаат огромно влијание врз здравјето на луѓето со дополнителни 250.000 смртни случаи помеѓу 2030 и 2050 година поради состојби како неухранетост, маларија и топлотен стрес.

Неинфективни болести


Неинфективните болести се оние што не можат директно да се пренесат од една на друга личност, како што се ракот, дијабетесот и срцевите заболувања. Тие се најголемите убијци на луѓето, одговорни за 70 отсто од смртните случаи во светот. Најзначајните двигатели на овие болести се премногу консумирање алкохол, употреба на тутун, физичка неактивност, лоша исхрана и загадување на воздухот.

Глобална пандемија на грип


СЗО предупредува дека глобалната пандемија на грип би можела да нападне во секое време. Како резултат на тоа, организацијата соработува со повеќе од 150 институции низ светот за постојано следење. Ова ќе помогне за обезбедување стратегии за превенција и третман во случај на појава на епидемија.

Кревко и ранливо опкружување

Кризите, како што се сушата, гладот, конфликтот и раселувањето на населението и лошите здравствени услуги, оставија повеќе од 1,6 милијарда луѓе низ светот или 22 отсто од населението на планетата без пристап до основна грижа.

Антимикробна отпорност


Способноста на патогените да се спротивстават на третманот со некогаш ефективните лекови е еден од најголемите здравствени предизвици на нашето време. Зголемувањето на отпорот значи дека еден ден нема да можеме да се лекуваме од многу инфекции, што доведува до зголемување на болеста, инвалидитет и смрт, ако нема нови медицински достигнувања. Тоа може да значи дека рутинските операции и хемотерапијата може да станат крајно ризични.

Ебола и други патогени со висок ризик

Две епидемии на ебола во Демократска Република Конго се случија минатата година, предизвикувајќи смрт на речиси 400 луѓе. Ова ја нагласува опасноста од познати патогени со висок потенцијал да предизвикаат епидемија - како ебола, зика, респираторен синдром на коронавирусот и тежок акутен респираторен синдром, како и оние што допрва треба да бидат откриени.

Слаба основна здравствена заштита

Луѓето во многу земји низ светот немаат пристап до соодветни услуги за основна здравствена заштита. Ова е значаен проблем бидејќи тие се првиот контакт што поединецот го има со здравствениот систем, Често, услугата е со слаб квалитет или едноставно е недостапна.

Антикампањи за вакцини

Вакцините се ефикасен и достапен начин да се спречи ширењето на многу болести. Всушност, се проценува дека без нив ќе има дополнителни 2 до 3 милиони смртни случаи секоја година. И покрај ова, значително малцинство на луѓе во неколку земји низ светот одбива вакцини (за себе и за своите деца) или се двоуми дали да ги прифати дури и кога тие се лесно достапни.

Ова може да ја отежни работата за да се постигне доволно ниво на покриеност кај населението, со што ќе се ублажат ефектите на „имунитет на толпата“ и потенцијално може да доведе до појава на болести. На пример, одбивањето вакцини е идентификувано како потенцијален фактор што придонесува за зголемување на случаи на мали сипаници за 30 отсто на глобално ниво.

Денга


Секоја година околу 390 милиони луѓе во светот се заразени со денга треска, а околу 40 отсто од светското население живеат во високоризични региони од зараза на оваа болест. Болеста ја пренесуваат комарците и има стапка на смртност под 1 отсто ако е откриена рано и ако пациентот добие медицинска нега. Сепак, оваа бројка може значително да се зголеми ако болеста не се лекува.

ХИВ

Иако се направени големи чекори во последниве децении кога станува збор за спречување и лекување на инфекции со ХИВ, милиони луѓе сѐ уште умираат од ХИВ/СИДА секоја година. Се проценува дека околу 37 милиони луѓе во моментов живеат со ХИВ, а одредени лица, како што се сексуалните работници, корисници на дроги и мажи кои имаат секс со мажи, се изложени на поголем ризик да добијат ХИВ.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје