Германската Влада планира да го интензивира протерувањето на лицата што немаат право на престој во Германија, соопшти министерката за внатрешни работи Ненси Фесер по синоќешниот владин состанок во Берлин.
- Ќе се погрижиме луѓето што немаат право на престој во Германија побрзо да ја напуштат нашата земја - рече таа.
Според неа, протерувањето на оние што немаат право на престој во Германија е неопходно за да можат да ги исполнат обврските кон оние на кои навистина им е потребна хуманитарна помош и заштита.
- Заострувањето на законот е неопходно за да можеме да продолжиме да ја исполнуваме нашата одговорност кон луѓето кои бараат заштита од терор и војни, како што е, на пример, случајот со над 1,1 милион бегалци од Украина - додаде министерката која е членка на социјалдемократите.
Целта на предлог-законот, кој допрва треба да помине во собраниска процедура, е да се намалат моменталните отежнувачки околности кои стојат на патот за поефикасен процес на протерување од Германија.
Така, притворот што ѝ претходи на депортацијата би можел да трае 28 дена наместо досегашните 10. Дополнително, полицијата би можела да бара лица на списокот за депортација во засолништа за бегалци и да влегува во простории за сместување на други жители на прифатилиштата, а не само во оние за кои се трага.
Протерувањето повеќе нема да се најавува затоа што во минатото многумина се засолнуваа на непозната адреса пред протерувањето, а може да се прегледаат мобилни телефони и компјутери за да се потврди државјанството на лицето што треба да биде протерано.
Депортациите честопати не успеваат затоа што луѓето на кои не им е даден статус на бегалец или чие барање за азил е одбиено ги уништуваат нивните лични документи и одбиваат да дадат информации за нивното потекло, па властите не можат да одредат во која земја некој треба да биде протеран.
Ќе бидат отстранети и законските пречки за да се овозможи побрза депортација на луѓето кои го прекршиле законот или лицата кои се сметаат за опасни поради нивната екстремистичка заднина.
Извор: МИА