X
 04.10.2020 Живот

Егзотични дестинации им нудат престој на сите што работат на далечина

Работењето од дома стана новото нормално за многумина од нас поради пандемијата.

Додека некои се борат да се приспособат на овој нов режим на работа, други сфатија дека нивните барања за работа може да бидат завршени од каде било и тие почнуваат да ги истражуваат своите опции.

Како резултат, голем број егзотични дестинации чии приходи од туризмот се намалија во изминатите неколку месеци ја користат ситуацијата во своја полза, нудејќи им продолжени визи на работниците на далечина во обид да заработат нешто плус.

Од Ангила до Барбадос, ова се некои од најегзотичните дестинации што моментално бараат да ги посетат работниците на далечина.

Ангила

1
Фото: Instagram

Познато по своите корални гребени и плажи, Ангила е неверојатно место за посета. Благодарение на новата иницијатива, работниците на далечина сега имаат можност да живеат и да работат на овој остров.

Британската прекуморска територија нуди продолжени визи во обид да ги привлече „дигиталните номади“. Според туристичкиот одбор во Англија, на успешните апликанти ќе им биде дозволено да поминат помеѓу три месеци и една година во земјата.

Иако сите можат да аплицираат, со оглед на тоа што Ангила има само три случаи на Ковид-19 и ниту еден смртен случај, островот им дава предност на оние земји што се со низок ризик.

Цената, која опфаќа два теста за Ковид-19 и дигитална дозвола за работа, е 1.000 долари под тримесечен престој и 2.000 долари за над тримесечен престој.

Аруба

aruba
Фото: Instagram

Аруба се нуди како прибежиште за оние што моментално работат на далечина. Сепак, нејзината програма наречена „Среќен воркејшн“ е специјално наменета за патници од САД. Тоа значи дека може да ја посети секој што има важечки американски пасош. Кандидатите треба да бидат вработени во компанија или регистрирани како самовработени во нивната матична земја и не смеат да даваат услуги и да добиваат приход од која било компанија во Аруба.

Барбадос

barbados
Фото: Screenshot/YouTube

Речиси 1.400 луѓе поднеле апликации за програмата на Барбадос за привлекување работници на далечина. Ова беше една од првите карипски дестинации што почна ваква привлечна програма.

- Со оваа нова виза можеме да им обезбедиме на работниците можност да ги поминат наредните 12 месеци работејќи на далечина, тука во Барбадос - вели премиерот на Барбадос, Миа Амор Мотли.

Програмата е насочена кон секој чија работа не зависи од локацијата, а кандидатите можат да се преселат со своето семејство. Заинтересираните треба да пополнат формулар за апликација преку интернет и да обезбедат доказ за вработување и изјава дека имаат приход од најмалку 50.000 долари годишно.

Бермуда

bermuda
Фото: Instagram

И Бермуда се надева дека ќе ги привлече работниците на далечина да ја пренесат нивната домашна канцеларија на нејзините брегови.

Програмата „Сертификација за едногодишно живеалиште“ им овозможува на патниците да се преселат на Бермуда, а на оние со деца им е дозволено да ги запишат децата во приватни или државни училишта. Според изјавата на премиерот Дејвид Брут, програмата е отворена за директори на далечина, самостојни претприемачи и студенти на универзитети кои имаат настава на далечина.

Грузија

gruzija
Фото: Freepik

Можеби Грузија не е најочигледна дестинација за работниците на далечина, но прекрасната поранешна советска земја што се наоѓа меѓу Црното Море и Кавказ нуди еден од најфлексибилните пакети.

„Работење на далечина од Грузија“ им овозможува на работниците од 95 земји да живеат и да работат без виза најмалку една година.

Позната по своите снежни планини и историски села, Грузија доживеа туристички бум пред пандемијата, со 5 милиони туристи во 2019 година, што е 7 отсто пораст во споредба со претходната година.

Сега, со пандемијата, туризам речиси и да нема. Но, официјалните лица се надеваат дека значителниот успех на Грузија во справувањето со вирусот (само 1.510 заразени) ќе ги убеди работниците на далечина да се преселат во земјата.

- Грузија е безбедна земја од епидемиолошка гледна точка и ние сакаме да ја искористиме оваа можност - изјави грузиската министерка за економија Натија Турнава.

Програмата е наменета за хонорарни работници, работници со полно работно време или сопственици на бизниси кои можат да останат во Грузија најмалку 360 дена. Кандидатите ќе мора да се согласат на 14-дневен карантин при пристигнувањето, на сопствен трошок, но мора да имаат и минимална плата од 2.000 долари месечно.

Извор: Edition.cnn.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот