X
 04.12.2023 Живот

Вработените во оваа компанија имаат бесплатен престој на Тенерифе, но под еден услов

Полската компанија „Фотоеид“ им дава на вработените бесплатен престој во Тенерифе до три недели, во стан сопственост на компанијата, под услов да работат додека се таму.

Работниците можат да престојуваат и да работат на Тенерифе неколку пати годишно и можат да одат таму онолку пати во годината колку што сакаат, во зависност од побарувачката на другите вработени.

1
Фото: PhotoAid

Исто така, компанијата им плаќа и половина од цената на авионскиот билет за Тенерифе еднаш годишно, во износ од 225 евра.

„Фотоеид“ е мала компанија со млада работна сила, така што повеќето вработени немаат деца, но оние што имаат можат да го користат станот на Тенерифе во текот на летото кога училиштата се затворени.

Вработените можат да ги земат и своите партнери, но секој случај се разгледува посебно. Компанијата има 143 вработени, а околу 50 работници веќе престојувале во станот на Тенерифе.

2
Фото: PhotoAid

- Забележав дека мојата продуктивност на Тенерифе се зголеми. Сакав побрзо да ги завршам работните обврски за да имам време да бидам на плажа - изјави Александра Старомиејска, вработена во „Фотоеид“ која веќе ја има искористено оваа поволност.

Вработените мора да се придржуваат до неколку правила, како што е протоколот за пријавување и одјавување. Така, вработените мора да прикачат фотографија од станот при пристигнувањето, а потоа да го направат истото при заминувањето, за да му покажат на следниот вработен како го оставиле.

Престојот на Тенерифе не се брои како одмор на вработените, изјави коосновачот на компанијата, Рафал Млоџки.

Станот има поглед кон пристаништето Санта Круз де Тенерифе. Има три спални соби, голема дневна соба со друштвени игри, два балкони и мала сала за вежбање. Има и осум места за работење со брз интернет, компјутерски монитори и ергономски столчиња.

Извор: CNBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот