X
 26.11.2022 Живот

Расте бројот на сиромашни и во Германија

Германија забележа значително зголемување на сиромаштијата во изминатата деценија, се вели во извештајот објавен во четвртокот од Фондацијата „Ханс Боклер“.

Според студијата на Институтот за економски и социјални науки (WSI) на фондацијата поврзана со синдикатите, бројот на многу сиромашни луѓе, кои имаат помалку од половина од просечниот приход, се зголемил за 40 отсто помеѓу 2010 и 2019 година.

Се наведува дека ковид-пандемијата, зголемените цени на енергијата и високата инфлација ја влошиле сиромаштијата во Германија во последните три години.

- Во 2019 година повеќе луѓе во Германија беа погодени од сиромаштија од кога било досега - велат авторите на извештајот.

Иако Германија беше сведок на позитивен економски развој и пад на невработеноста во изминатата деценија, сиромашните домаќинства немаа корист бидејќи јазот се зголеми.

Според студијата, износот што му недостига на просечното домаќинство за математички да го помине прагот на сиромаштија е зголемен од 2.968 евра во 2010 година на 3.912 евра во 2019 година.

Иако Германија е една од најбогатите нации во светот, знаците на растечка сиромаштија стануваат сè повидливи низ целата земја. Сè повеќе бездомници спијат на улица, мајките се откажуваат од оброците во обид да ги прехранат своите деца, додека пензионерите собираат фрлени шишиња.

Едно лице во Германија се смета дека е изложено на ризик од сиромаштија ако има помалку од 60 отсто од просечниот среден приход. Минатата година овој праг за луѓето што живеат сами во Германија изнесуваше 15.009 евра нето годишно или 1.251 евро нето месечно.

Минатата година, 15,8 отсто од населението во Германија наводно биле на работ на сиромаштија.

Сојузниот завод за статистика претходно објави дека околу 38 отсто од студентите во Германија се во опасност од сиромаштија.

Во септември германската Влада го претстави третиот пакет помош поради зголемените цени, кој вклучуваше еднократна исплата на студентите.

Извор: Aa.com.tr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот