X
 12.06.2020 Наука

Со помош на дрон научниците снимиле колонија од над 64.000 морски желки

Австралиските научници откриле дека на островот Раин, во близина на надворешниот лак на Големиот корален гребен, околу 64.000 зелени морски желки се подготвуваат да положат јајца, што е значително повеќе од очекуваното.

Најголемата колонија на зелени морски желки во светот, кои положуваат јајца на австралискиот остров Раин на северниот крај на Големиот корален гребен, е речиси двојно поголема отколку што се сметало порано, велат научниците, објаснувајќи дека дроновите им дале подобар начин да го проучат овој загрозен вид.

Ова е добра вест за сите оние што се загрижени за намалувањето на нивниот број.

- Кога ги споредивме резултатите од броењето со помош на беспилотните летала и оние што ги реализиравме од чамците, откривме дека во минатото сме ги потцениле бројките речиси двапати - рече Ричард Фицпатрик, истражувач од фондацијата „Биопиксел оушнс“.

Резултатите од истражувањето спроведено во декември, објавено во четвртокот во научното списание „Плос Уан“, покажуваат дека со користење беспилотни летала ќе се документираат состојбата и бројот на овие загрозени морски суштества на најточен начин.

zelka
Фото: Pixabay

Овие животни се прогласени за загрозен вид поради ловот, собирањето јајца и сè помалиот број места за гнездење и опасноста да бидат заробени во мрежи за риболов или пластични кеси. Во многу земји нивното преместување од природните живеалишта е забрането, а местата каде што тие ги положуваат своите јајца често се заштитени.


Зелените морски желки главно живеат во тропски и суптропски води и мигрираат на долги растојанија помеѓу местата за хранење и плажите на кои положуваат јајца.

Пред воведувањето на дроновите во процесот на следење на зелените морски желки експертите ги обележувале со нетоксична бела лента и ги броеле од чамците додека животните се движеле кон брегот. Притоа, поради лоша видливост, ги броеле и обележаните и необележаните желки, што се покажало како непрецизно.

Користењето беспилотни летала е побезбедно и посигурно, а податоците се чуваат долго време.



Извор: Zimo.dnevnik.hr | The Guardian
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука