X
 27.01.2021 Наша тема

Преодни оценки, посветени професори, повеќе пракса, поорганизирана држава и здравје. Желбите на македонските студенти пред летниот семестар

Што посакуваат студентите, како би им се олесниле и учењето и животот?

Минатата година беше тешка, а во „неубавиот дел“ од сликата за 2020 година влезе и новата нормалност на образовниот процес. „Особено за нас“, велат студентите, кои секојдневно дебатираат и реагираат за дел од понудените опции во кои не пронајдоа доволно добри решенија за учење, за полагање и особено за практична настава, која за многумина од нив е задолжителна. Токму поради тоа, покрај желбите за добро здравје, нелогичностите во понудениот систем на учење и барањето нови и помодерни можности се поентите и желбите кои ги издвојуваат студентите кои се дел од анкетата што Факултети.мк ја направи за нивните очекувања за подобрување на актуелниот образовен систем во 2021 година, пред почетокот на летниот семестар од образовната година, за три недели.

Викторија Велјаноска, студентка во втора година на Педагошкиот факултет во Скопје:

- Јас во 2021 година искрено посакувам да исчезне коронавирусот и нашите часови на Педагошкиот факултет да се одвиваат со физичко присуство, бидејќи колку и да мислевме дека ќе биде поубаво онлајн-предавање, мислам дека ќе се сложат и сите студенти, сфативме колку значи физичкото присуство. Мојата желба е да има повеќе практичен дел преку кој сите ние побрзо и полесно би го совладале материјалот. Посакувам да продолжиме и со остварувањата на другите наши соништа кои ни останаа потиснати во изминатата 2020 година.

Ирена Танушевска, студентка на Медицинскиот факултет:

- Посакувам поголема вклученост на студените во изведбата на вежбите и работата и поголема заинтересираност од страна на професорите да го пренесат своето знаење. Очекувам подобрување во практичниот дел, особено за стручните факултети. Во областа каде што студирам, праксата е најважна и таа е она што недостига. Доколку ние, студентите, би посетувале повеќе пракса, би ни било полесно. Методот учење на далечина навистина покажува позитивни резултати во областа на теоријата, но не и во делот на праксата. Посакувам и материјалите за учење да се читки и јасни и притоа да го доловуваат најважното.

Јана Ицевска, студентка во втора година на скопскиот Педагошки факултет:

- Во новата година најмногу од сè посакувам здравје, настава со физичко присуство и повеќе пракса во наставата.



Даниел Раевски, студент на Економски факултет:

- Освен да се среди ситуацијата со коронавирусот, желбите ми се да ги положиме испитите, да има подобра организација и меѓусебна соработка, да се вратиме на настава со присуство, да се намали материјалот за учење, да се испробаат нови и поинтересни методи на учење.

Ивана Атанасоска, студентка на родови студии на Филозофскиот факултет во Скопје:

- Луѓето да сфатат дека е океј да имаш проблеми со ментално здравје, дека е океј да одиш на психолог, океј е да бидеш геј, океј да бидеш атеист, океј е да бидеш веган, океј е да си лице со посебни потреби. За образованието можам да кажам многу работи. Најпрво дека е, како што вели еден другар, „фалшиво“. Образованието ни е мизерно. Буквално.



Онаа личност што одлучила да стане професор/ка треба да биде свесна дека како што докторот со само една погрешна постапка може да одземе нечиј живот, така и тој/таа може да го направи истото. Не треба да го научат ученикот што да мисли, туку како да мисли. Би сакала да споделам една ситуација која ми се случи за време на полагањето матура. Имав една иновативна идеја и за таа неа ја направив и проектната. Излегувам да презентирам, почнувам со презентација: „Во Република Северна Македонија има... “ (тоа беше периодот кога се смени името) и една професорка од комисијата ја фрла мојата испечатена проектна со зборовите: „Јас оваа не можам да ја слушам“ и си заминува од просторијата. Ова е само еден мал пример од многуте што ми се случиле мене или на некој друг ученик/студент. Проблемот што го имаме во образованието не се само старите учебници што се користат, не е недостапноста до соодветна опрема (компјутери, лаборатории, одредени книги...). Најголемиот проблем се лицата кои во свои раце земаат илјадници животи годишно и не се свесни какви последици оставаат врз нив. Сепак, останува надежта дека еден ден ќе биде подобро.

Мартин Ниневски, студент на Медицинскиот факултет од Скопје:

- Јас би сакал подобра организација помеѓу професорите, подобрена соработка помеѓу студентите и професорите, да се има разбирање за секој проблем што го имаат учениците (нефункционирање на микрофон, автоматско отстранување од часот, проблем со интернетот...), секој податок да биде најавен навреме за да нема многу недоразбирања.

Филип Лафазановски, студент на „Еуропа прима“, отсек „Филм и дигитални медиуми“:

- Еден од основните (опипливи) проблеми кај нас денес е неверојатниот висок степен на рамнодушност кај професори и студенти, каде што вината постојано се префрла на другиот, а од одговорноста се бега. И професорите и студентите се во некоја заедничка меѓуфаза на бледа и вакуумска состојба без ентузијазам и амбиција, во која ниту е битно што ќе се предаде ниту што ќе се научи.



Двете страни, кои заедно треба да се изборат за подобро образование, се тотално индиферентни во поглед на струката што ја одбрале. Голема навреда и непочитување кон професијата и кон себеси. Желбата е да не чекаме некој од страна да нè поправи ако за тоа сме виновни самите.

Марија Хана Трајкоска, студентка на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје:

- Во 2021 посакувам подобра организација во државата и поголема одговорност и свест од властите за актуелните случувања.

Кристијан Грамов, студент на Филозофскиот факултет во Скопје:

- Во 2021 најпрво очекувам да се стабилизира општеството од новата ситуација за која придонесе Ковид-19. Посакувам повеќе да се вложува во знаење и обука на млади лица, кои се движечка сила во општеството. Покрај формалното образование, кое е задолжително во нашата држава, мојата желба е да се поттикнат младите лица да се активираат во разни здруженија и организации во кои сметаат дека ќе се пронајдат, како и поголема контрола од Министерството за образование и наука врз професорската фела, за да се утврдат сите пропусти и да се професионализира нивната заложба во образовниот систем.

Нурај Исмаилова, студентка на Универзитетот „Св. Климент Охридски“:



- Да има активно учество на учениците за време на часовите, студентите да се поттикнат за подобра работа, да се фокусираат на самите желби, таленти...

Емилија Авеловска, студентка на Правниот факултет „Јустинијан Први“:

- Позитивна енергија за испраќање на 2020 и позитивна енергија за во 2021. Пред сè, очекувам да помине пандемијата. Во вакви услови, нашиот факултет одлично се снајде со сите предизвици. Целокупната настава се организираше според мерките на Владата, за што сум многу благодарна. На сите студенти во 2021 година им посакувам успешни испитни сесии.

Студентка од ФИНКИ:

- Мислам дека ако 2020 нешто ни покажа, тоа беше дека здравјето е навистина најважно. Не е само нешто што нашите баби и дедовци секогаш ни го посакуваат. Искрено, не би можела ништо помалку или повеќе да посакам од тоа барем за малку да се среди оваа ситуација. Во однос на високото образование, особено на техничкиот кампус, сметам дека многу поинтересно и поефективно би било доколку би ни била дадена можност да работиме на проекти каде што нешто практично ќе градиме и развиваме, а со тоа и на многу повисоко ниво ќе го разбираме она што го учиме.

Фото: Приватни архиви на соговорниците и Архива на Факултети.мк
Подготвил: Александра Овчарска Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема