X
 11.05.2022 Живот

Патроли ловат Севернокорејци што носат фармерки и имаат бојадисана коса

Северна Кореја ја зајакнала контролата на облеката на граѓаните. Особено внимание се обрнува на жителите што носат тесни фармерки, имаат бојадисана коса и носат облека која има капиталистички печат, според извори од државата.

Младинската организација Социјалистичка патриотска младинска лига го спроведува патролирањето и најмногу се фокусира на жени во 20-тите и 30-тите години. Членови на организацијата патролираат на улиците во потрага по млади луѓе кои имаат долга коса, ја бојадисуваат косата во кафена боја, како и луѓе што носат облека со големи странски букви и жени што носат тесни панталони.

Доколку ги фатат, овие жители мора да чекаат на улицата додека заврши патролирањето во регионот, а потоа ќе бидат однесени во канцеларијата на организацијата, каде што мора да признаат за својот прекршок во пишана форма. Тие ќе може да си одат дома откако некој ќе им донесе прифатлива облека, пренесува „Инсајдер“.


Фото: Пјонгјанг/Pixabay

Во најлошите случаи, името, адресата и работното место на прекршителот јавно се објавуваат.

Северна Кореја ги забрани пирсовите, тесните фармерки и одредени фризури минатиот мај за да ги спречи „декадентните“ западни модни трендови во земјата. Забраната била воведена откако лидерот на земјата, Ким Џонг-ун ги опишал странскиот говор, фризурите и облеката како „опасни отрови“.

Младинската организација минатиот месец одржувала едукативни сесии низ земјата на оваа тема.

Извор: Insider
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот