Генерацијата З често се опишува како општествено свесна генерација. Тоа го покажува и нов тренд на работното место наречен „свесно откажување“. Овој израз го опишува напуштањето на работното место поради неусогласеност на работата со принципите и вредностите во кои верувате, особено кога станува збор за околински и општествени проблеми.
Анкета спроведена на 4.000 работници во Обединетото Кралство и во САД покажала дека двајца од тројца работници сметаат дека нивните работодавци не прават доволно за да го подобрат светот. Соодветно на тоа, дури 71 отсто од испитаниците што се припадници на генерацијата З во Обединетото Кралство и 80 отсто од овие припадници во САД сакаат да работат во компанија која има позитивно влијание во светот.
Во анкетата, 49 отсто од припадниците на оваа генерација во Обединетото Кралство и 40 отсто од нив во САД признале дека дале отказ од работа поради ова. Над 40 отсто од припадниците на генерацијата З во овие две земји би прифатиле помала плата за да работат во компанија која ги дели нивните вредности.
Претходно истражување покажало дека мнозинството од генерацијата З би платиле повеќе за производи што се направени на одржлив начин, а речиси половина од нив изјавиле дека етиката игра улога во изборот на нивната кариера.
Извор:
Indy100
Насловна фотографија: Freepik