X
 14.07.2019 Наука

3Д-печатени коски и кожа може да бидат спас за астронаутите

Научниците од универзитетската болница при Техничкиот универзитет во Дрезден, Германија (ТУД), испечатија примероци на кожа и коски со 3Д-печатачи за да видат дали астронаутите на Марс би можеле да ја користат технологијата во околини каде што има мала гравитација.

Истражувањето е дел од проектот за 3Д-печатење на живи ткива за проект за истражување на вселената на Европската вселенска агенција - мисија за истражување различни начини на кои астронаутите би можеле да закрепнат од повреди на различни места во нашиот Сончев Систем, како на Марс или во длабоката вселена.

Тимот од научници користел „биомастило“ направено од плазма од човечка крв за да се минимизираат шансите за одбивање од страна на телото. За да спречат одлетување на капките мастило, тие вметнале материјали од алги за да ја зголемат вискозноста.

Идејата е новите алатки да им овозможат на астронаутите да си ги лекуваат повредите кога се милиони милји подалеку од најблиската болница.

- 3Д-биопечатењето ќе им овозможи да одговорат на идните медицински случаи. На пример, во случај на изгореници може да се испечати нова кожа наместо да се пресадува од друг дел од телото на астронаутот, што прави друго оштетување кое може и да не зарасне лесно во орбитата - вели лидерот на проектот, Томасо Гидини.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука