Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите
Практикантството е неопходно. Барајте си ментор, слушајте ги поискусните колеги, впивајте сѐ како сунѓер. Бидете чесни и фер играчи во тимовите и со колегите, имајте јасна цел и амбиција. Читајте многу книги, спортувајте, најдете ја среќата во малите нешта кои не се купуваат со пари, вели Анита Никова Бундовски, извршен директор во
МАСИТ - Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (ИКТ). На оваа позиција е веќе осум години. Вели дека е привилегија да работиш во ИКТ-секторот. Ова е нејзината приказна по скалилата на успехот.
Анита Никова Бундовски, канцеларија
Родена е во Скопје, во семејство каде што двајцата родители силно биле навлезени во техничките науки, многу посветени на своите кариери и често отсутни од дома. Татко ѝ, машински инженер, а мајка ѝ, архитект, имале заедничка желба – нивната ќерка да не заврши на технички науки, туку да оди на некој од општествените факултети.
- Татко ми беше човек визионер, секогаш пред времето, прав лидер кој точно знаеше 10 години однапред како да ги испланира работите. Под негово водство и визија завршив во гимназијата „Нова“. Таму стекнав вештини што треба да ги поседува секој млад човек кога ќе заврши средно - познавање на странски јазици, јавно говорење, описно пишување и генерално насочување за академскиот живот што следува - објаснува Никова Бундовски.
„Бев на повеќе од 40 интервјуа“
Уште во трета година средно била на тестирање за упис на факултетот „Шефилд“ во Солун. До последен момент размислувала дали да се запише на економскиот оддел или на психологија. Татко ѝ ја уверил дека со економски факултет ќе ѝ бидат отворени вратите во сите индустрии.
- Познавајќи го мојот нескротлив темперамент, тој знаеше дека ми треба динамична работа исполнета со предизвици. Така и испадна. По завршувањето на факултетот, 15 дена по последниот испит, среде лето, со неполна 21 година, почнав со пракса во проект на УСАИД. Траеше 6 месеци и ме доведе до познанства, колеги и пријателства за цел живот. Во време кога никој во нашата бизнис-заедница сѐ уште не го користеше поимот кластери, преку проектот на УСАИД веќе бев вклучена во помагањето на формирање 6 различни кластерски здруженија, а едно од нив беше МАСИТ. Во тоа време сѐ уште не бев ни свесна што ќе следува... - вели таа.
Со партнери од регионот, во 2018 година
Со завршувањето на проектот завршил и нејзиниот практикантски ангажман. Веднаш почнала да бара работа. Била убедена дека ќе се снајде сама и без врски. Во тоа време сите огласи за работа се објавувале во дневните весници. Татко ѝ добил задача - да ги сече сите огласи од весник, а таа аплицирала без престан.
- Се сеќавам огласите ги чував во празна кутија за чевли, за да знам каде сѐ имам аплицирано. Бев на повеќе од 40 интервјуа. Упорноста ми е силна страна, која дефинитивно ја имам наследено од мајка ми. Таа е столбот на нашето семејство, жената која ми има докажано дека сѐ е можно, а јас буквално се водев од примерот што го гледав пред мене - раскажува Никова Бундовски.
Почетоците во МАСИТ
Добила понуда од две места - МАСИТ и текстилна компанија која шиела за познатиот американски бренд „Лиз Клејборн“. Се консултирала со татко ѝ, кој бил доајен во ИТ-секторот и повеќе од 27 години работел за IBM. Одлуката паднала за МАСИТ.
- Никогаш нема да ја заборавам дезориентацијата во првите неколку недели. Телата на МАСИТ беа безбројни: Собрание, Управен одбор, комитети, работни групи, тројца претседатели, петмина претседавачи и редица имиња на различни институции и компании од ИКТ-секторот. И кога мислев дека никогаш нема да излезам од тој вител, се случи изборното Собрание на МАСИТ, каде што беше избран нов претседател на Управниот одбор. Колешката која ме обучуваше првите две недели замина на породилно, а јас, на 21,5 година, останав сама во извршната канцеларија - се сеќава Анита.
Со претседателката на МАСИТ, Анета Пешева
Под строго и дисциплинирано раководство на тогашниот претседател почнала темелно да учи за сите процеси во асоцијацијата. Претседателот-ментор посветено ја воведувал во работата - пишување писма до јавни институции, закажување и одржување состаноци, правење записници, држење неутрални страни кога станува збор за политички прашања, запознавање со донатори и начини на градење успешни проекти, градење познанства и релации со регионалните и светските партнери. Не било лесно. Работела и саботи и недели, била максимално посветена на учење, слушање и анализирање на работите. На шега вели:
- Сѐ повеќе сфаќав дека не знам ништо. Од сегашна перспектива, многу сум благодарна бидејќи среќата ми се насмевна по втор пат. Покрај татко ми, имав чест и мојот ментор да биде визионер и да ми предаде куп начини на менторирање и менаџирање кои и ден-денес ги практикувам во МАСИТ.
По три години работа во МАСИТ веќе почувствувала дека конечно ги држи конците во свои раце и дека е време да се посвети на академската надградба. Таа година на „Шефилд“ се отворила насока совршена за неа. Веќе била силно навлезена и убедена во потенцијалот на ИКТ-индустријата и сакала да се надгради со знаења што ќе ѝ помогнат во понатамошната кариера. Сакала да ги разбира технологиите што се актуелни во ИКТ-секторот, да навлезе подлабоко во претприемништвото и да научи како да поттикнува иновации во своето опкружување. Така, цела година секој последен викенд од месецот го поминувала во Солун на парт-тајм магистерски студии. Се запознала со колеги со кои заедно развивале многу интересни и иновативни проекти, со кои и денес соработува и се дружи.
Тимот на МАСИТ
- Дружењето со вистински луѓе е мојот еликсир за подолг и посреќен живот. Верувам во луѓето, градам долгорочни релации и пријателства, многу вложувам во нив и сметам дека за вистински пријател вреди сѐ да се стори. Две од моите најдобри другарства денес ми се од прво одделение. И во секојдневието дел од колегите со кои работам ми се долгогодишни пријатели, релации изградени врз база на искрена соработка, доверба и слична меѓусебна енергија. Социјалниот живот за мене е душевна храна - вели Анита.
Привилегија е да се работи во ИКТ-секторот
Со МАСИТ растеле заедно, афирмирајќи се меѓусебно. Вели дека со силата и важноста на тимот стигнале таму каде што се денес. Никогаш еден човек не успева сам, секогаш околу него има сојузници и поддржувачи кои веруваат во неговите начини за тоа како да се дојде до целта, како да се успее.
Годишна конференција на МАСИТ, 2019 година
- Тоа е мојот тим во МАСИТ, на кој сум му бескрајно благодарна и за кој многу би направила. Долга беше дилемата на членовите на неколку мандати на Управниот одбор дали извршниот директор кој ќе биде поставен на чело на организацијата треба да биде избран однадвор или да биде израснат внатре. Во тоа време асоцијациите што постоеја се броеја на една рака, така што изборот на потенцијални кандидати со соодветно искуство не беше многу голем. Од друга страна, јас се трудев максимално да придонесувам, учам и да созревам. Година за година ги пополнував сите позиции на МАСИТ, учев од најдобрите, и во 2012 година Управниот одбор реши да ми ја додели довербата и да ме назначи за извршен директор на МАСИТ - раскажува Никова Бундовски.
По таа година формирала семејство, кое моментално брои 4 члена. Вели дека сите достигнувања се благодарение на клучната поддршка од нејзиниот животен партнер, кој никогаш не престанал да верува во она во што верува таа.
Семејна фотографија, Анита со сопругот и двете деца
Анита вели дека е привилегија да се работи во ИКТ-секторот. Да се биде дел од коморско работење и организација како МАСИТ, која стои на врвот на пирамидата и соработува со јавен и невладин сектор, академска и донаторска заедница, е луксуз.
- Да соработуваш со луѓе од различни академски структури, да дискутираш и со ректори, и со декани, од една страна, и со министри и претседатели на влади и држави, од друга страна, е навистина реткост. Како шлаг на сѐ, да си дел од приватниот сектор, и во нивно име да се бориш, е најголемото достигнување за мене, бидејќи без нив ниедна од другите структури не би имала смисла. А победите добиени во најтешките борби се секогаш најслатки - децидна е Никова Бундовски.
Во изминатите 15 години работела со осум претседатели и седум различни состави на Управниот одбор во МАСИТ. Вели дека ова искуство е неформалниот докторат во менаџмент кој сѐ уште го апсолвира.
Допрва следува подемот во оваа индустрија
На прашањето каде го гледа потенцијалот на овој пазар и шансите за младите кадри, таа вели дека нашата држава како земја во претходна транзиција, а сегашен развој, се соочува со многу предизвици паралелно.
- Вистинското насочување во смисла на образование е клучно кај младите луѓе. Важно е родителите да им даваат помош и поддршка на децата при изборот на нивната кариерна патека. Потенцијалот на ИКТ-индустријата допрва ќе доживее подем. Младите луѓе го гледаат тоа и упорно се запишуваат на техничките факултети или се преквалификуваат преку програмите на неформалните академии - вели Никова Бундовски.
Од минатогодишната конференција
Имајќи предвид дека ИКТ-технологиите се база врз која ќе се развиваат сите останати индустрии, потребата од ИКТ-кадри, како на наше така и на светско ниво, допрва ќе расте. Развивањето софтверски алатки ќе стане клучна потреба, слична на познавање на англиски јазик, можностите ќе бидат бескрајни, а ИКТ-кадрите нема веќе да работат само во ИКТ-секторот, туку и во сите други сектори.
- Апелирам што повеќе млади луѓе да се запишуваат на техничките факултети или да следат курсеви и академии за преквалификации. За нив можностите ќе бидат безбројни. Македонија е мала земја која треба да се бори преку градење високообразовани кадри и интелектуални вештини. Да го следиме примерот на малите, а успешни држави, како Естонија и Ирска, кои со неколку стратешки потези ги издигнаа своите економии на независно и стабилно ниво. Моментално во нашата земја оперираат светски познати компании, позициите и платите што ги нудат нашите компании се на ниво на европските, а трошокот за живот е многу пати помал. Сметам дека ова ќе станува клучен фактор младите сѐ помалку да заминуваат, заедно со стабилизацијата на здравствениот, едукативниот и еколошкиот систем. Но, за да се подобрат, треба тука да останеме, да придонесеме и самите. Секој еден од нас е важен! - децидна е Никова Бундовски.
Таа е задоволна од постигнувањата и се гордее со тоа што го постигна на професионално, академско и на семејно поле. Смета дека секоја животна доба има посебен врв за достигнување и секој човек има сопствен ритам за достигнување на тој врв.
- Имам уште многу врвови за достигнување, но сѐ во свое време. Во оваа фаза во животот уживам во растењето на моите синови, во долги прошетки во природа со семејството и другарките. Читам многу книги, вежбам и си посветувам време на себе, на духовното растење и релаксирање. Поддржувам разни иницијативи поврзани со рециклирање, поздраво живеење и заштита и инклузија на лицата со попреченост. Моменталното задоволство од сите овие активности не би го заменила со ниедна звучна работна позиција на светот - вели Анита.
Работа од дома за време на светска пандемија на Ковид-19
Таа на сите млади луѓе и студенти им порачува: практикантството е „маст“. Барајте си ментор, слушајте ги поискусните колеги на почеток од кариерата и впивајте го тоа што го зборуваат како сунѓер. Не правете се паметни, бидете чесни и фер играчи во тимовите и со колегите, имајте јасна цел и амбиција, читајте многу книги, спортувајте, најдете ја среќата во малите нешта, кои не се купуваат со пари, најдете си издувен вентил и по секој стрес гледајте да се опуштите.
- Почитувајте ги бескрајно вашите родители, стремeте се да градите семејство со партнери на кои знаете дека можете да се потпрете. Патувајте, бидете храбри, реалисти, бруталисти, идеалисти, а по потреба и утописти. И никогаш не престанувајте да сонувате и верувате во себе. Светот е ваш, а ние безрезервно веруваме во вас! – вели Никова Бундовски.