X
 26.02.2024 Наша тема

По скалилата на успехот со Кристина Арнаудова: Кога сфатив дека состојбата во музиката оди надолу, решив да си ги следам соништата и го основав „Проект Среќа“

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Во невладиниот сектор, во сегментот каде што јас сум фокусирана - деца и млади во социјален ризик - има многу што да се сработи, имам огромен број идеи кои можат да им го подобрат животот и секојдневието, но сѐ уште недостига поддршка од институциите, па борбата да се реализира секој нов проект е мојата цел, ни изјави Кристина Арнаудова

Кристина Арнаудова, нашата позната пејачка, музичар, изведувач, продуцент, композитор, текстописец, хуманитарец, е еден од најпрепознатливите гласови кај нас. Нејзините хитови влегоа во евергрините на македонската музика, а таа важи за една од најистакнатите пејачки на домашната сцена. Нејзината мисија не застана тука и го основа здружението за деца во социјален ризик „Проект Среќа“, на кое е и претседателка и помага секаде каде што е потребно. Нејзиниот фокус во последните години е на здружението и проблемите со кои се соочуваат децата од ранливите категории.



Паралелно ја градев музичката кариера и завршив факултет


Средното образование го заврши во Неготино, општа гимназија, и ни сподели дека уште тогаш почнала да се занимава со музика, да пее и да снима.

- Првите песни ги издадов на 16 години, а потоа следуваа уште многу до крајот на средното образование, а истовремено имав бенд и настапував по клубови. Значи, работните денови и моите први заработени пари беа кога имав околу 15 години. Знаев дека сакам да се занимавам со музика, но тоа не подразбираше дека ќе се запишам на музичка академија. Кога дојде време да се запишам на факултет, имав неколку идеи, бидејќи лично сметам дека во тој период сме премногу млади за да знаеме што сакаме и сликата за некаква идна професија не ни е баш јасна и чиста. Се запишав на Правен факултет, отсек Новинарство. Две години поминав таму и тоа ми беше доволно да сфатам дека тоа не е за мене и не ме интересира. Во тој период се отвори првиот приватен универзитет, ММ колеџ, па се запишав таму, на отсек Бизнис-менаџмент. Во тоа време многу активно се занимавав со пеење и го издадов мојот прв албум. Повеќе се посветив на пеењето отколку на учењето, иако ја завршив првата година и ги положив сите испити - ни раскажува Кристина.



По некое време се отвори Евро колеџот во Куманово и решила да се префрли таму, на отсекот Бизнис менаџмент, со што првпат се посветила на полагање и учење повеќе отколку на кариерата.

- Истовремено додека ја градев музичката кариера завршив и факултет, и иако официјално таа диплома не ја искористив за вработување, ми донесе многу знаења кои ми користеа понатаму, а и сега, како претседател на невладина организација, во секојдневните предизвици. Во тоа време насоките бизнис-менаџмент, маркетинг, човечки ресурси беа нови и првпат почнаа да се изучуваат сериозно во Македонија, а јас сметав дека тоа ќе биде круцијален дел од потребните знаења и вештини за иден успешен претприемач и менаџер, што се докажува и денес. Таа генерација на студенти моментално е на сите водечки позиции во компании и институции во земјава - објаснува Кристина.



10 проценти е талент, а сѐ друго е работа

Најголем дел од својата професионална кариера посветила на музиката, како изведувач, композитор и продуцент, а паралелно го основала и здружението „Проект Среќа“, кое е единствено што е фокусирано на деца и млади во социјален ризик, каде што работи и создава низа проекти кои им помагаат на децата и нивните семејства во секојдневните предизвици.

- Како што веќе споменав, почнав да пеам на 15-ина години, имав бенд и бев многу сериозна во намерата да го правам тоа. Тоа беа моите почетоци на работа и заработување сопствени пари, што е доста невообичаено за некој на таа возраст. Паралелно одев во училиште, имав проби со бендот и настапував. Горда сум што не се плашев да почнам толку мала и да создадам работна навика од мали нозе. Моето сиви е комбинација на постигнувања во музиката и во општествената одговорност и развивање филантропско општество. Тоа ми беа двете желби од детството и имам среќа и двете да ги работам и да постигнам значајни нешта со нив - раскажува Кристина.



Со оглед на тоа дека почнала да снима авторска музика многу млада, да работи како дел од бендови и да настапува по фестивали уште во средно, кога ја почнала својата соло-кариера, вели дека имала среќа што имала одлични песни уште на почетокот.

- Моите први песни беа големи хитови - „Знаеш кој е тој“, „Прашина“, а потоа почнав да работам на првиот албум и речиси сите песни од тој албум - „Возови“ беа хитови. Огромниот ентузијазам и желбата да се работи постојано на нова музика беа она што ме водеше, и тоа беше главниот мотор на успехот. Имав среќа да работам во време кога македонската музика беше застапена секаде, на телевизија и радио постојано одеа наши песни и тоа беше мотив за сите нас да работиме повеќе. Без оглед каква кариера човек ќе одбере, посветеноста, љубовта кон работата и иновативноста се клуч за успех, но секако тоа мора да е поткрепено со талент за таа професија - подвлекува Кристина.
Според неа, повеќе фактори влијаат врз успехот и напредокот во која било професија.

- Тука би ги споменала љубовта кон одредена професија, едукација, постојан напредок, следење трендови и посветена работа. Во одредени професии талентот се компензира со многу работа, но во музиката, спортот, уметноста, не е баш така бидејќи без талент успехот никогаш не може да е комплетен. Но да кажеме дека 10 проценти е талент, а сѐ друго е работа - дополнува Кристина.



Човек не треба да се плаши да менува работни места

Последниве осум години професионално е фокусирана на своето здружение „Проект Среќа“, каде што освен што е основач и претседател, ги смислува, пишува и ги реализира сите проекти кои се дел од здружението.

- Тоа е она што ме исполнува и ме прави професионално среќна. Човек не треба да се плаши да менува работни места, професии, кариера, односно во моментот кога ќе се почувствува заситен од работата што ја работи, не треба да остане таму по секоја цена. Треба да си ги следи соништата и да работи на нив. Јас токму тоа го направив кога ја основав „Проект Среќа“. Сметам дека ова што јас сум денеска е заслуга на мојата мотивација, а кога имате позитивен фидбек од другата страна, знаете дека сте на вистинскиот пат. Во музиката ми недостигаше професионална менаџерска поддршка, со која ќе направев многу повеќе, но ете така сум одлучила и тоа го сметам како моја вина, тоа што секогаш мислам дека можам сама сѐ, подобро. Во работата не треба да се плашите да побарате помош и поддршка затоа што не е можно да го познавате и сработите секој сегмент од работата сами - истакнува Арнаудова.



Кристина веќе некое време не е активна во музиката, иако вели дека знае повремено да се појави на сцена.

- Во моментот кога сфатив дека состојбата во музиката оди надолу и дека не може да биде сериозна професија, се повлеков и се посветив на „Проект Среќа“ и на моето семејство. Со исклучок на 4-5 артисти во Македонија кои професионално и сериозно работат со години, сѐ друго е мачење и импровизација, особено ако се земе фактот дека работиме за пазар од еден милион жители, што е премалку за да зборуваме за градење некаква сцена. Но во невладиниот сектор, во сегментот каде што сум фокусирана - деца и млади во социјален ризик - има многу што да се сработи, имам огромен број идеи кои можат да им го подобрат животот и секојдневието, но сѐ уште недостига поддршка од институциите, па борбата да се реализира секој нов проект е мојата цел - дополнува нашата соговорничка Кристина Арнаудова.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема