X
 22.05.2024 Наша тема

По скалилата на успехот со Никола Пројчевски, 20 години успешна актерска дејност: „Срцето ќе ми излезеше кога првпат на сцената застанав до театарските доајени“

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Како вчера да беше кога излегов на професионалната сцена и срцето ќе ми излезеше од градите кога застанав помеѓу врвните актери Јоана Поповска, Митко С. Апостоловски, Соња Ошавкова, Петар Горко, Менка Бојаџиева, Јулијана Стефанова... Како некни да беше кога од трета година на студии нѐ одбраа за претстава во МНТ, а јас мислев оттаму директно ќе одам на „Бродвеј“ или во Холивуд... Вака за почетоците од кариерата зборува познатиот актер Никола Пројчевски, еден од најплодните во Народниот театар во Битола, со маестрална актерска енергија на сцената. Негов препознатлив белег е комичноста, а талентот да ја засмејува публиката може да се спореди со оној на врвните комичари Петар Стојковски-Бабец и Пепи Мирчевски.



Човек или се раѓа со актерска енергија или ја нема

Годинава слави јубилеј од 20 години на театарската сцена со успешно одиграни стотина улоги низ театрите во земјава. Има голема моќ на актерска трансформација, па во одредени претстави игра по неколку улоги или како што на шега вели - „пет во едно“.

- Човекот е енергија... сите луѓе се раѓаат со различни, некои енергии едноставно се за постојано преживување/одглумување. Јас отсекогаш ја носам енергијата за на сцената. Не одбирав јас, мене ме избраа. Дури и пред да влезам да одгледам театарска претстава првпат, како да знаев веќе како е таму, некако имав јасна слика. Тоа или го имаш или го немаш!!! – раскажува Пројчевски.

Оттаму спонтано дошла неговата одлука да се запише на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Вели дека тоа е исто како човекот да го прашате кога научи да зборува, а тој мисли дека отсекогаш знае. Како кај секој млад човек, така и кај него постоеле сомнежи, па и бекап-варијанти, но тие никогаш не биле поврзани со математика. Но, никогаш не зажалил за изборот, а и денес со пиетет зборува за професорот во чија класа дипломирал, нарекувајќи го човек-енциклопедија.



Завршив во класата на човек-енциклопедија

- Дипломирав на ФДУ во класата на професорот Владимир Милчин. Верувам дека поминав одличен процес на студирање, особено кога си во класа на човек-енциклопедија. И до денес кога ќе разберам дека професорот е во публика, се препотувам или по битолски „ми се сечат нозете“. Авторитет број еден за мене, сега и секогаш - вели Пројчевски.

Како битолчанец, некако предодредено беше по дипломирањето да се вработи во Народниот театар во Битола, театарска институција - репер за целиот регион, но и голема школа за актерите.



- А зошто Битола и театарот во Битола? Па, во оваа земјичка со малкуцка луѓе некако како предодредено ни е кој каде ќе биде. А зошто пак, на пример, во Скопје? Па, и не е некоја светска театарска престолнина по која светот лудува - вели Пројчевски.

Врвен комичар, но игра и по пет трагични ликови одеднаш

Со неговиот маестрален хумор, омилен ѝ е на публиката. Го познаваат од старо до младо. Доволно е само да се појави на сцената и без да каже збор, присутните почнуваат да се смеат. Колку и да е сериозна темата на сцена, доволно е само да направи едно движење и да внесе ведрина и смеа.



- Да се биде комичен, да носиш комика, ведрина, пријатна енергија на една сцена, треба во себе да носиш голем талент, па колку и нескромно да звучи сето тоа! Пак ќе речам - или се раѓаш со таква енергија или не - вели Пројчевски.

Додава дека кога во Битола ќе ти залепат етикета, како онаа за него дека е комичар, потоа не се вади ни со метална жица за миење садови. Дури не се ни обидуваат да го гледаат во друга варијанта иако тој глуми одлично во секој театарски жанр. Во негов препознатлив стил раскажува: „Еднаш по една сериозна претстава една повозрасна жена ми рече: „За сѐ те бива, шубо го праеше то со веѓите ко намуртен, страв чоек да го фати...“



Дека еднакво добро игра и трагични ликови, доказ е неговиот успех со претставата „Артуро Уи“ во режија на Ќендрим Ријани. Во неа игра пет трагични ликови, за што на 56. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 2022 година ја освои наградата за најдобра споредна машка улога. Претходно на истиот фестивал, во 2011 г., ја доби наградата за најдобар млад актер со претставата „Обична приказна“. Сега некако природно би дошло да очекува награда и за главна машка улога. Вели дека формулата за успешен актер е во тоа да бидеш постојано во игра.

Наградите придружени со силни пораки

Пројчевски знае во клучни моменти да упати силни пораки за театарскиот живот во земјава. Така, по подигнувањето на наградата за најдобра споредна машка улога, посака реновиран Центар за култура „Марко Цепенков“ и нов театар во Прилеп.



- Неизмерно верувам во образовната, музејската мисија на театарот. Дека може да придонесе во зачувувањето на еден јазик. Дури верувам дека може да иницира одредени промени, дека може одредени групи да ги освестува. Но, не верувам дека може да промени од корен едно општество, особено како ова нашево - искрен е Пројчевски.

А како е во странство, знае и по многубројните гостувања со Битолскиот театар, но и по глумата во Шекспировиот „Глоуб театар“ во Лондон, каде што во 2015 година учествуваше во меѓународен актерски проект. Пласманот беше голем успех зашто беше избран со 24 актери од 1.800 пријавени од целиот свет. На кастинзите освен со извадоци од Шекспировите драми, комисијата ја фасцинира и со поезијата на Петре М. Андреевски изведена на македонски јазик.



- Од мојот ангажман во „Глоуб театарот“ во Лондон, она што до денес го паметам беше како луѓето таму се потресуваат и капка пот кога ќе капне на сцената. Цела екипа во секунда доаѓа да брише околу тебе. Не знаев дека е забрането да поминам низ објектот со чаша кафе, па ме отстранија како да бев ограбувач на банка. Тоа таму е фабрика. Сепак, театарот за мене е нешто сосема друго - додава тој.

Театарот ме исполнува, но работата не ми е поважна од семејството

И денес е меѓу најплодните актери во Народниот театар во Битола. Се случувало неделно да игра по шест претстави, некогаш две, а ретко ниедна. Вели дека секое време носи свој тертип.

- Никогаш она што го работам нема да ми е поважно од семејството. За среќа, јас сум ментално здрав, па немам такви илузии дека „ќе гинам за штиците што живот значат“. Театарот ме исполнува, но многу често и ме заморува. Знае понекогаш да влегува во еднолични фази, повторувачки. На моменти сѐ ќе ми се погоди, на моменти не верувам ни во 0,5 проценти од она што ми е наложено да го правам. Но, кога си во институција, а не во трупа, тогаш нема сакам-не сакам - објаснува Пројчевски.



За идните планови, вели дека театарот му е реалност, актерската игра на филмското платно - можност, но дека го очекуваат и куп други нешта, меѓу кои и учеството во кабареата во петок и во сабота во „Голд фелиција“.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема