X
 27.06.2021 Наука

Како камилите издржуваат со недели без вода во пустината?

Научниците откриле нови детали за телото на камилите што им помага да преживуваат во пустина со недели без да пијат вода.

Група истражувачи од Универзитетот на Бристол во Велика Британија направиле анализа на работата на бубрезите кај арапските камили со една грпка. Анализата покажала дека илјадници гени во бубрезите на овие камили се менуваат кога тие се дехидрирани.

Меѓу другото, бубрезите се адаптираат на условите и произведуваат силно концентрирана урина за да се заштеди вода. Истражувачите откриле дека нивото на холестерол во бубрезите на камилите им помага да ја произведат ваквата урина. Поточно, намаленото ниво на холестерол во мембраната на бубрежните клетки го овозможува овој процес на создавање концентрирана урина, објаснуваат авторите на истражувањето.


Фото: Pixabay

Арапската камила била доместицирана некаде пред 3.000-6.000 години. Животното се користело за носење товар, спорт и извор на млеко и месо.

Освен разликите во бубрезите, арапските камили имаат и други карактеристики што им помагаат да преживеат во пустината. Тие јадат само листови од растенија, се размножуваат само во студените периоди и може да пијат огромно количество вода одеднаш.

Освен тоа, обликот на носот им помага да ја задржат водата при издишување и може да ја менуваат телесната температура во зависност од околината за да не се потат.

Автор: Аристос Горгиу
Извор: Newsweek
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука