X
 27.07.2018 Здравје

Забележан прв случај на жена која ја преживеала еболата и ја пренела инфекцијата

Повеќе од четири години по епидемијата на ебола во западна Африка, научниците сѐ уште откриваат нови информации за долготрајните ефекти на вирусот кај преживеаните.

Во неодамна објавена студија е опишан случај за 33-годишна жена од Либерија, која ја преживеала инфекцијата од ебола во текот на епидемијата во 2014-2015 година и една година подоцна го заразила и сопругот и два сина. Едниот син, кој бил на 15-годишна возраст, починал, а сопругот (40) и другиот син (8) преживеале.

Студијата е првата индикација за трансмисија на вирусот од женско лице кое го преживеало, со што се нагласува ризикот од повторно избувнување на вирусот и потенцијалното ширење долго откако нема активно ширење на болеста.

Епидемијата во западна Африка зафати повеќе од 28.000 луѓе, вклучително и повеќе од 11.000 лица од Либерија, Гвинеја и Сиера Леоне кои починаа. Имаше известувања за неколку случаи во кои вирусот се пренел преку сексуален однос, односно преку спермата на преживеани лица, а имаше и едно известување во кое се сугерираше дека вирусот се проширил преку млеко на жена која ја преживеала епидемијата.

Истражувачите не се сигурни како жената од последната студија ги заразила децата и сопругот. Тие ја отфрлија опцијата на патување во области каде има активна епидемија и контакт со животни кои може да го прошират вирусот.

Фото: Pixabay

Истражувачите велат дека веројатно е поради близок физички контакт или контакт со телесни течности. Многу е неверојатно жената да го заразила сопругот преку сексуален однос, сметаат истражувачите. Нема доказ за сексуална трансмисија од жени кои го преживеале вирусот.

За време на епидемијата, членови на фамилиите на заразените се заразуваа преку чистење на отпадот на заболените или преку делење на прибор.

Една од најголемите мистерии за еболата, еден од најсмртоносните патогени на светот, беше повторувањето на болеста кај преживеаните. Дури и по целосно закрепнување на пациентите, честички од вирусот можеле да се најдат во спермата, млекото, спиналната теќност и во внатрешноста на окото.

Претходни студии предупредуваа дека еболата останува во спермата многу подолго отколку што се мислеше. Кај еден маж беше утврдено дека сѐ уште го носи вирусот 565 дена по опоравувањето од болеста.

-Последната студија го нагласува фактот дека сега почнуваме да ја разбираме епидемиологијата и клиничкиот тек на еболата - истакна Ан Римоан, долгогодишен истражувач на еболата, додавајќи дека ова ја истакнува потребата за постојано следење и проучување на оние кои ја преживеале еболата и нивните блиски контакти.

Тим истражувачи ја истражиле фамилијата на жената и ја анализирале генетиката на вирусот. Во јули 2014 година жената се грижела за болниот брат, кој подоцна починал од ебола. Потоа таа се разболела и имала исти симптоми како да е заразена со ебола. Таа се опоравила, но никогаш не била лечена, иако подоцна кај нејзе биле пронајдени антитела на вирусот, што посочувало дека била заразена. Во септември 2015 жената родила дете. Околу еден месец подоцна, таа се разболела, а авторите на студијата шпекулираат дека инфекцијата повторно се појавила тогаш бидејќи бременоста може да предизвика латентните инфекции да се претворат во симптоматични болести.

Иако на новородениот син му пренела заштитни антитела против ебола, авторите сугерираат дека таа го пренела вирусот на другите членови на фамилијата кога се влошила ситуацијата кај нејзе. Генетичките анализи сугерираат дека вирусот кај таткото и двата сина бил сличен и продолжение на епидемијата на болеста од западна Африка.

Подготвил: Билјана Арсовска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје