X
 04.04.2022 Живот

Тинејџер од Либерија вратил пари што ги нашол на улица и тоа му го променило животот

Приказната за тоа што му се случило на Либериецот Емануел Туло би можела да се нарече модерна бајка. Овој 19-годишник, облечен во школска униформа, паѓа в очи во одделението полно ученици кои се најмалку шест години помали од него. Но, враќањето на училиште многу го усреќило.

Минатата година Емануел се мачел да заработи за живот работејќи како таксист на мотор, кога покрај патот забележал 50 илјади долари замотани во пластична кеса. Лесно можел да ги земе, но тој решил да ѝ ги даде на тетка си за да ги чува и кога слушнал дека вистинскиот сопственик на радио моли за помош во пронаоѓањето на парите, Емануел се јавил.

Некои го исмејувале поради чесноста велејќи му дека ќе умре сиромашен, но чинот му се исплател - му било обезбедено образование во Институтот „Рикс“, една од најпрестижните школи во Либерија.

Претседателот на Либерија, Жорж Веа, му дал 10.000 долари, а сопственикот на локален медиум исто така го наградил парично. Сопственикот на парите му донирал работи во вредност од 1.500 долари. Но, можеби најважно е што реагирал колеџ од САД нудејќи му целосна стипендија кога ќе го заврши средното.

Сега Емануел се образова во „Рикс“, интернат основан пред 135 години за елитата на либериското општество, која потекнува од ослободени робови, основачи на земјата.

- Уживам на училиште, не поради името „Рикс“ и она што го претставува, туку поради академската и моралната дисциплина - изјавил Емануел.

Како и многу деца во оваа земја, така и тој го напуштил училиштето кога имал само 9 години за да може да заработува и да ѝ помогне на фамилијата. Тоа се случило набрзо откако татко му се удавил, па Емануел отишол да живее кај тетка си. Неколку години подоцна станал таксист на мотор.

По толку време без образование, на Емануел му била потребна дополнителна поддршка на училиште бидејќи се чувствувал инфериорно, но наставниците работеле на неговата самодоверба. Емануел се запишал со скромно знаење, но добивал дополнителни часови и сега пред него се 6 години средно, а кога ќе дипломира, ќе има 25 години. Но, нему не му пречи разликата во годините со другарите од класот и вели дека ужива во ученичкиот дом.

Тој сака да студира сметководство за да може да се подготви за правилно користење на парите на земјата.

Неговата чесност се гледа како пример што треба да се следи во земјата во која има многу обвиненија за корупција и каде што службениците често се обвинуваат за кражба на државни средства.

- Мојата порака до сите млади е - добро е да се биде чесен, не земајте го она што не ви припаѓа - вели тој.

Извор: BBC
Насловна фотографија: Wikipedia (Монровија, главниот град на Либерија)
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот