Дали сте астроном-аматер? Дали би сакале да ѝ помогнете на НАСА во една од нејзините мисии длабоко во вселената?
Сега имате шанса! Вселенското летало „Нови хоризонти“ се наоѓа на надворешниот раб на Сончевиот Систем, многу подалеку од Плутон. Во септември леталото ќе почне со набљудување на двата ледени џина - Уран и Нептун, а во тоа ќе помогне и вселенскиот телескоп „Хабл“. И како што објави НАСА претходно овој месец, сега и вие ќе можете да ги набљудувате овие далечни светови и да ги споделите вашите слики со тимот што ќе ја води мисијата, како и на социјалните мрежи.
„Нови хоризонти“ се наоѓа во Кајперовиот појас, повеќе од 8 милијарди километри од Земјата. Тоа е уште подалеку од Плутон, покрај кој леталото прелета и го проучуваше во 2015 година. Од таа гледна точка, „Нови хоризонти“ ќе погледне назад кон Сончевиот Систем. За овие набљудувања, сите очи ќе бидат насочени кон Уран и Нептун. Научниците од мисијата велат дека гледајќи ги „одназад“, „Нови хоризонти“ ќе може да ги набљудува на начин на кој ние никогаш не би можеле на Земјата. Сликите и другите податоци ќе дадат нов увид во атмосферата на двата циновски света.
Освен тоа, набљудувањата ќе помогнат да се обезбедат нови детали за самите атмосфери на планетите и за тоа како топлината се пренесува од нивните јадра до длабоките атмосфери што ги обвиваат овие јадра.
Уран (лево) и Нептун (десно) /Фото: NASA
Потребни се астрономи-аматери
„Нови хоризонти“ и „Хабл“ ќе можат да проучуваат многу детали во атмосферата на планетите. Но, НАСА бара помош и од астрономите-аматери. Тие можат да ги надополнат набљудувањата на начини на кои „Нови хоризонти“ и „Хабл“ не можат.
- Со комбинирање на информациите што „Нови хоризонти“ ги собира во вселената со податоците од телескопите на Земјата, можеме да ги дополниме, па дури и да ги зајакнеме нашите модели за да ги откриеме мистериите околу атмосферата на Уран и Нептун. Дури и од аматерските астрономски телескопи овие комплементарни набљудувања можат да бидат исклучително важни - вели Алан Стерн, главен истражувач на „Нови хоризонти“ од Југозападниот истражувачки институт во Болдер, Колорадо.
Астрономите-аматери можат да помогнат во следењето на светлите карактеристики во атмосферата на планетите. Подоцна, астрономите-аматери можат да ги објават фотографиите на „Твитер“ и „Фејсбук“ со хаштагот #NHIceGiants и на тој начин тимот на мисијата може да ги собере сликите како дел од кампањата.
Извор:
Earthsky.org
Фото: NASA