Ако веруваме во научна фантастика, тогаш луѓето навистина би се избезумиле кога би оствариле средба со вонземјаните. Најчесто и во филмовите гледаме како вонземјаните сакаат да нè елиминираат, па се смета дека стравот би бил на високо ниво кога би дошло до таква средба.
Сепак, ако разговарате со просечен човек, можно е да добиете поинаква слика за тоа каква би била реакцијата од првиот контакт. Повеќето луѓе не се алармирани. Всушност, се оптимистични за средбата со вонземјаните. Повеќето од нас се како деца, т.е. имаат реакција која е резултат на љубопитство.
Нова студија покажува дека хистеријата ќе биде намалена на минимум, луѓето всушност би реагирале позитивно на таквите вести. Мајкл Варнум, професор-асистент по психологија на Државниот универзитет во Аризона, има неколку пристапи во неговата студија. За првиот дел, со неговиот тим користеле компјутерска програма за да го анализираат јазикот користен во вестите за откривања можен вонземски живот. Програмата се фокусирала на емоционалниот дел во вестите и открила дека медиумската покриеност е генерално позитивна. Истражувачите објавиле хипотеза дека е пронајден вонземски микробиолошки живот и прашале повеќе од 500 луѓе да понудат пишани реакции на таа вест. Повторно реакциите биле генерално позитивни.
За последниот дел од студијата, истражувачите прашале 500 луѓе да дадат одговор на еден од двата артикли објавени во „Њујорк тајмс“ за вистински научни откритија: докази за микробиолошки свет на метеор од Марс и креацијата на синтетички живот во лабораторија. Учесниците реагирале попозитивно на можноста за вонземски живот отколку на човечката способност за креирање живот. Сепак, мора да се земе предвид дека студиите на Варнум биле реализирани само во САД, односно резултатите се перспективи на Американците.
Исто така, лесно е да се биде оптимист за нешто што знаеме дека уште се нема случено. Но, поставувањето такви сценарија и испитување на
реакциите на луѓето може да помогне во креирањето подобри политики за информирање доколку дојде до такво нешто. Сепак, најдобриот начин да се открие како луѓето би реагирале на средбата со вонземјани е да се најдат вонземјаните.