Ивет Купер, министерка за внатрешни работи на Обединетото Кралство, нареди ревизија на стратегијата за борба против тероризмот за справување со насилството врз жените и девојчињата, како и идентификување на празнините во законодавството и испитување на новите идеологии.
Според предлозите, од наставниците ќе се бара со закон да ги упатуваат учениците за кои се сомневаат дека имаат екстремна мизогинија на „Превент“ - антитерористичката програма на владата на Обединетото Кралство.
- Луѓето можат да имаат ставови за жените колку што сакаат, но повеќе не е во ред да се игнорира масовната растечка закана предизвикана од омразата кон жените на интернет и ние да ја игнорираме - изјави министерката.
Таа му наредила на Министерството да го анализира екстремизмот за да ги мапира и следи екстремистичките трендови, да ги одврати луѓето од екстремистичките ставови и да ги идентификува сите празнини во постојните политики што треба да се решат за да се спротивстави на оние што ги поттикнуваат штетните верувања и насилство исполнети со омраза.
- Долго време владите не успеваат да го решат проблемот со порастот на екстремизмот, и на интернет и на нашите улици, а видовме дека бројот на млади луѓе радикализирани на интернет расте. Поттикнувањето омраза од секаков вид го кине самото ткиво на нашите заедници и нашата демократија - додаде министерката.
Се очекува предлогот да биде завршен оваа есен како дел од новата стратегија за борба против екстремизмот што ќе биде претставена од Министерството за внатрешни работи следната година. Постојат неколку категории на екстремизам рангирани од Министерството за внатрешни работи, вклучувајќи го и „инцел“ или „неволниот целибат“, интернет-супкултура каде што мажите промовираат мизогинистички поглед на светот кој ги обвинува жените за нивниот недостиг за сексуални можности.
Извор:
The Guardian
Фото: Freepik