X
 28.04.2020 Наука

Зошто мажите живеат пократко од жените?

Стареењето спаѓа меѓу најголемите ризик-фактори за повеќето болести на човекот: околу 150.000 луѓе секојдневно умираат низ целиот свет, а околу две третини умираат од причини поврзани со стареењето.

Не е познато зошто старееме. Последните неколку децении се вложуваат огромни суми пари за истражување на процесот на стареење, со цел да се забави или спречи. Всушност, станува збор за исконската желба на човекот да живее вечно, а не желбата да не старее.

Постојат статистики за тоа колку луѓе живеат и врз нивна основа се прават процени за животниот век. Така, на пример, животниот век на Германецот е 78,8 години, додека на Германката е 83,6 години. Животниот век на Србинот е 73,3 години, а на Србинката 78,5 години. Животниот век на Италијанецот е 81,5 година, а на Италијанката 85,5 години. Најдолг животен век имаат жените во Монако - 93,5 години.

Науката има многу пристапи кон темата стареење, а еден од нив е истражувањето на разликата во животниот век помеѓу половите. Разликата е очигледна - во просек жените живеат 7,8 отсто подолго од мажите.

СЗО - Биологија и однесување


Светската здравствена организација смета дека една од причините би можела да биде тоа што жените имаат биолошка предност пред мажите кога станува збор за здравјето.

Жените имаат два Х-хромозоми, додека мажите имаат еден Х и еден Y хромозом - на кој му недостига еден крак, па затоа се нарекува и Y. Но, баш на тие Х-хромозоми се кодирани важни генски информации поврзани со имунолошките својства на телото. Со други зборови - тие се исто така гени што препознаваат одредени патогени и предизвикуваат телото да има одбранбен одговор. Секако дека и мажите имаат такви гени, но помалку од жените. Освен тоа, жените произведуваат повеќе естроген, хормон кој исто така има заштитна функција.

СЗО смета дека биологијата не е единствена причина поради која жените живеат подолго. Бидејќи статистички е утврдено дека жените се помалку склони кон ризици што би го загрозиле нивното здравје и живот.

Неодамна беа објавени интересни истражувања на тема разлики во должината на животниот век меѓу половите.

Истражување за 101 вид цицачи - женките секогаш се во предност


Четиринаесет научници од повеќе европски земји дошле до заклучок дека подолгиот животен век на жените не важи само кај човечкиот род, туку и за цела низа диви животни, односно за цицачите. Во животинскиот свет разликата во должината на животниот век меѓу машките и женските цицачи е уште поголема отколку кај луѓето. Кај 60 отсто од животните што ги истражувале женките живееле во просек 18 отсто подолго отколку мажите.

Истражувањето за должината на животниот век кај 101 вид цицачи било финансирано од Франција и Унгарија, а објавено кон крајот на март во ПНАС, стручно списание на Националната академија на науки на САД.

Научниците претпоставуваат дека природата особено ги заштитила сите женки-цицачи бидејќи тие се задолжени за продолжување на видот, а ранливи се додека во себе ги носат потомците и додека ги дојат.

1
Фото: Unsplash

На пример, лавиците живеат двапати подолго од лавовите.

- Лавиците живеат во глутница во која сестрите, мајките и ќерките ловат заедно и се грижат едни за други. Возрасните лавови често живеат сами или со браќата и немаат таква широка поддршка - вели еден од авторите на истражувањето, Тамаш Секељи од Центарот за еволуција при Универзитетот Бат. Покрај тоа, научниците претпоставуваат дека на женките им се продолжува животниот век кога мажјакот ќе се покаже како добар татко за потомство. На тој начин тие се во состојба подобро да поминат низ бременоста, породувањето и грижата за малечкото.

Овие истражувачи планираат своите податоци за цицачите во дивината да ги споредат со должината на животниот век на животните во заробеништво. Дали „ол-инклузив“ сместувањето во зоолошките градини на цицачите им овозможува подолг живот или, пак, од досада стануваат депресивни и умираат порано отколку животните во дивината - тоа допрва треба да се докаже.

Двоен хромозом - подолг живот и за мажјаците


Истражувачите од Универзитетот „Нов Јужен Велс“ во Сиднеј дошле до заклучок дека постоењето на двоен хромозом би можело да биде тајната за подолг живот. Кај цицачите, мажјаците имаат еден Х-хромозом и еден Z-хромозом, а женките два Х-хромозоми.

На пример, кај птиците важи спротивното: кај нив мажјаците имаат два Z-хромозоми, додека женките имаат еден Z и еден W-хромозом. Така, птиците-мажјаци имаат предност.

Таканаречената хомогаметија, двојното присуство на еден хромозом, би можела да биде пресудна за подолг животен век, бидејќи тоа значи дека важните генски информации се достапни двапати. Ако едниот е оштетен, тогаш другата, здрава верзија, може да ја надомести штетата.

Оваа хипотеза со години кружи низ светот на научниците, а австралиските научници сега ја проверија. Тие го анализирале животниот век на 229 вида животни.

- Не само што ги анализиравме податоците од приматите, другите цицачи и птици, туку и влекачите, рибите, водоземците, пајаците, бубачките, скакулците, пеперутките и молците - вели авторката на истражувањето, биологот Зои Ксирокостатс.

Истражувачите ги изненади тоа што хомогаметските мажјаци (како птиците) во просек живеат 7,1 отсто подолго од женките, додека хомогаметските женки (на пример, ние луѓето), живеат 20,9 отсто подолго од мажјаците.

2
Фото: Unsplash

Хетерогаметските мажјаци со два различни полни хромозоми имаат двоен недостаток: не само пократок животен век од жените, туку пократок и во споредба со хетерогаметските женки.

Според научниците, Y-хромозомот на хетерогаметскиот мажјак би можел да биде послабо развиен во споредба со неговите хомогаметски колеги. Од друга страна, споменатиот женски полн хормон естроген може да има позитивно влијание - тој го стимулира ензимот теломераза, што ги опкружува хромозомите и ја штити ДНК. Или трето, мажите се поранливи на сексуална конкуренција отколку жените. Тие мораат да преземаат релативно поголеми ризици и да водат опасна борба за да се размножуваат.

Долгиот живот и плодноста се исклучуваат


Кога сме веќе кај размножувањето, постои уште еден фактор што е директно поврзан со животниот век на организмите: нивната плодност.

Погледот кон животинското царство покажуваат дека високата плодност и долгиот животен век често се исклучуваат меѓу себе: животните што живеат кратко често се многу плодни, на пример, глувците - додека долговечните животни, на пример, слоновите, имаат помало потомство.

slon
Фото: Unsplash

Поради ограничени ресурси, организмите го имаат или едното или другото - или да живеат долго или да бидат плодни - но не и двете истовремено. Ова е дел од наодите на истражувачите од Институтот за еволутивна биологија „Макс Планк“.

Како подолгиот животен век влијае врз плодноста на луѓето, сега не може да се утврди.

- Но истражувањата врз животните со краток животен век може да укажуваат на цената што ние луѓето би морале да ја платиме за долг живот - објаснува Арн Траулсен од „Макс Планк“.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука