Како ќе се реши проблемот за многу жени, засега не се знае зашто Министерството за здравство сега ја скенира и ја анализира состојбата на терен
Матичните гинеколози, особено оние што не наплатуваат за својата услуга, се прилично барани специјалисти. Во земјава има одредени места без ниту еден матичен или приватен гинеколог, а многу и со само еден. Иако, како што велат самите гинеколози, нивниот број не е многу спорен, повеќе е проблематична распореденоста на овие лекари. Особено ако ги барате за избран или матичен доктор.
Како ќе се реши проблемот за многу жени, засега не се знае зашто Министерството за здравство сега ја скенира и ја анализира состојбата на терен.
Ем не можеш да најдеш ем плаќаш услуга што ти следува без пари
На жените од регионот Река пристапот до гинеколог им е отежнат. Во целиот регион нема ниту еден матичен гинеколог, ниту пак приватен. Триесет и осумгодишната Ф.И. вели дека за преглед мора да патува во Дебар или во Струга.
- Тоа е трошење и време, и пари, и организација. Мора да платам превоз, некогаш и преглед, а мора да најдам и кој да ми ги чува децата зашто се губи многу време – вели таа.
Само по еден гинеколог има за жените во Валандово, Свети Николе, Берово... Тие не ги прегледуваат само жените од градовите, туку и од околните села, приградските населби. Голем проблем за жените е тоа што многу од нив плаќаат за гинеколошки услуги иако според закон, тоа им следува бесплатно.
Кај многу од матичните гинеколози жените мора да платат за услугата. Некои жени знаат дека прегледот е бесплатен, а трудниците не плаќаат ниту партиципација, но велат дека се задоволни од гинекологот, а нов многу тешко се наоѓа. Дел од жените, пак, не си ги знаат правата. Матичните гинеколози обично наплаќаат од 250 до 1.000 денари и не даваат фискална.
- Секој гинеколошки преглед кај матичниот ме чини 750 денари, а бремена сум, одам почесто. Не можам да го сменам зашто сите што би ги избрала не примаат нови пациенти, преполнета им е квотата, а и тие наплаќаат – вели М.С. од Скопје.
Дополнително, од 800.000 жени, како што објаснуваат од Здружението на приватни гинеколози и акушери на Македонија, матичен гинеколог имаат околу 500.000 жени.
- Светските стандарди велат дека на 5-6.000 жени треба да има еден матичен и вкупниот број на гинеколози можеби ги задоволува потребите, но дискутабилни се распоредот и покриеноста – вели д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението.
Според неодамнешните најави на Министерството за здравство, гинеколозите ќе добиваат повисока капитација на бодот за пациентите што ги водат, т.е. таа се зголемува од 50 на 55 денари. Меѓутоа, не се задоволни зашто бодирањето по кое се пресметува колку пари им следуваат се води по дијагноза наместо, како што велат, по возрасни групи.
Од Министерството за здравство велат дека работат на детална и сеопфатна анализа за да ги утврдат состојбите со матичните гинеколози.
- Се работи за обемна анализа за која е потребен подолг временски период за да се утврди состојбата на терен, со цел зајакнување на кадарот преку краткорочни и долгорочни мерки – велат оттаму.
Во меѓувреме, како што објаснуваат, Министерството во континуитет работи на зајакнување на кадарот во сите јавни здравствени установи, вклучувајќи ги и гинеколозите.
Прегледуваат и породуваат по други градови
- Во тек се повеќе мерки за зајакнување на кадарот, меѓу кои се специјализации, зголемување на надоместокот на дежурства, ноќен труд и прекувремена работа, со посебен акцент на доедукација на здравствениот кадар. Клиниката за гинекологија располага со доволен број специјалисти гинеколози, кои ги задоволуваат потребите на пациентите во целост, а воедно обезбедуваат здравствени услуги и дисперзирано работат во повеќе градови низ државата, меѓу кои: Куманово, Кавадарци, Велес. Инаку, во Општата болница во Кавадарци на специјализација по гинекологија се двајца доктори, а имаат добиено согласност за вработување на уште 5 доктори на медицина, од кои дел треба да се упатат на специјализација по гинекологија и акушерство. Исто така, и охридската болница има добиено согласност за вработување 7 доктори на медицина, кои по приемот ќе бидат испратени на специјализации кои им се дефицитарни, како што се гинеколози и педијатри – велат од Министерството.
Во моментов, за да се покрие недостигот на гинеколози, тимови од Клиниката за гинекологија и акушерство покриваат смени онаму каде што е најпотребно во болниците низ државата.
- Правиме распореди за дежурни педијатриски пунктови во здравствените домови. Во областа на гинекологијата веќе е воспоставена соработка и со Бугарија за доедукација и зајакнување на кадарот – додаваат од Министерството за здравство.