X
 27.09.2019 Наука

Вештачката интелигенција може да чита скенови од МРИ многу побрзо од луѓето

Кардиоваскуларната магнетна резонанција (МРИ) може да биде прочитана значително побрзо со помош на вештачка интелигенција, покажува нова студија.

Кога станува збор за читање на МРИ-скенови, најголемиот извор на погрешно читање е човечката грешка. Нова студија покажува дека употребата на вештачката интелигенција може да ги елиминира овие грешки, истовремено скратувајќи го времето за читање отколку она што би било потребно ако го врши човек.

Во новото истражување се опишува како анализирањето на функцијата на срцето на кардиоваскуларната МРИ обично на лекарот му одзема околу 13 минути. Со користење на вештачка интелигенција, според студијата, анализирањето се скратува на само 4 секунди.

- Кардиоваскуларната магнетна резонанција нуди неспоредлив квалитет на слика за оценување на структурата и функцијата на срцето. Сепак, моменталната мануална анализа останува основна и застарена. Техниките за автоматизирано машинско учење нудат потенцијал за промена на ова и радикално подобрување на ефикасноста и ние со нетрпение ги очекуваме следните истражувања кои би можеле да ја потврдат супериорноста во однос на човечките анализи - истакна авторката на студијата, Шарлот Манисти.

Во Велика Британија, каде што била направена студијата, се проценува дека годишно се прават повеќе од 150.000 кардиоваскуларни МРИ.

Поради многуте скенови и времето што може да се заштеди, истражувачите веруваат дека користењето на вештачката интелигенција за читање на скеновите има потенцијал да им заштеди на лекарите 54 дена секоја година во секој здравствен центар во Велика Британија каде што се прават скенирања.

Вештачката интелигенција има одличен потенцијал за искоренување на човечките грешки во процесот на читање на скеновите.

- Нашите сетови на податоци од пациенти со различни срцеви заболувања кои биле на скенирања ни овозможија да демонстрираме дека најголемиот извор на грешки во мерење потекнуваат од луѓето. Ова посочува дека автоматизираните техники се во најмала рака еднакво добри како луѓето, со потенцијал наскоро да бидат суперлуѓе, трансформирајќи ја прецизноста на клиничките и истражувачките мерења - истакна Манисти.

За истражувањето научниците тренирале вештачка интелигенција за да чита скенови од кардиоваскуларна магнетна резонанција со резултати од речиси 600 пациенти. Вештачката интелигенција потоа била тестирана за прецизност во споредба со експерт и стажант на 100 одделни случаи од повеќе центри.

Резултатите покажале дека нема значителна разлика во точноста на читањето од страна на вештачка интелигенција и она извршено од страна на човек, додека оние од вештачката интелигенција биле направени многу побрзо.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука