Најважната работа што треба да ја запомнат родителите е дека пишувањето во предучилишна возраст е прилично неуредно. Во овој период една од целите на учењето е детето да научи како се пишува, а подоцна и како се чита, а сето тоа за подоцна да успее да комуницира преку зборови и симболи.
Прашањата што треба да се постават за подобро да се разберат децата (како во предучилишна така и во рана училишна возраст) и развојот на нивните вештини за пишување се:
Дали ги изразува идеите и приказните низ слики? Дали користи молив, боички за цртање и пишување? Дали знае да ги прекопира и нацрта линиите и круговите, односно симболите како „Х“ или „+“? Дали ја разбира функцијата на пишувањето (дека тоа е помош во комуникацијата?) Кога почнува да се развива вештината за пишување?
Вештината за
пишување почнува да се развива напоредно со цртањето и детето на возраст од 15 до 36 месеци ќе помине низ четири фази на цртање и пишување. Секогаш треба да имаме на ум дека тие фази и возрасти се наведени приближно. Секое дете се развива со сопствено темпо, некое побавно, а некое побрзо ќе ги совлада овие вештини. Доколку на детето му понудиме разни забавни искуства низ игра, напредокот ќе биде забележлив со текот на времето.
1 фаза – од 15 до 30 месеци
Неконтролирано чкртање – ова е период кога малите деца почнуваат да сфаќаат дека нивните движења резултираат со линии, односно определени шарки.
2 фаза – од 24 до 36 месеци
Контролирано чкртање – како што детето ќе развие подобра контрола врз мускулите од раката и прстите, чкртањето почнува да се менува, станувајќи сè поконтролирано.
3 фаза – од 30 месеци до 3,5 години
Линии и форми – децата во оваа фаза почнуваат да го разбираат пишувањето и дека тоа се состои од линии, криви и повторени обрасци. Тие се обидуваат да ги имитираат овие елементи во своето пишување.
4 фаза – од 3 до 5 години
Букви и бројки – на оваа возраст децата почнуваат да експериментираат со буквите, ги пишуваат своите имиња затоа што им се најблиски и најмногу се изложени на нив (Робертсон, 2007).
Како можеме да го поттикнуваме развојот на вештината за пишување?
Овозможете им на децата пристап до моливи, боички и хартија, цртајте и пишувајте заедно со нив;
Приближете им ги на децата зборовите, покажете им дека тие се дел од нашата околина. Читајте им!;
Покажете им како да го напишат своето име, тоа е многу важно за предучилишните деца;
Правете им букви од тесто, пластелин и/или глина;
Направете сопствена сликовна азбука, сечејќи разни слики и фотографии од списанија и весници и направете азбука така што секоја буква да означува една слика;
Како и секогаш, учете преку игра, покажете му ја точната слика на детето, не истакнувајте кога ќе направи погрешен избор или ќе напише неточна буква, туку пофалете го кога ќе ја погоди правилната.