Време е за третата доза од вакцината. Одите на вакциналниот пункт, се вакцинирате, но подоцна ви се слошува. Се онесвестувате, имате главоболка и висока температура. Некои за ова го обвинуваат вишокот антитела. Дали е возможно да имате превисоко ниво на антитела?
Дали тоа значи дека треба да тестирате за антитела за да знаете кога е време за бустер-доза? На кое ниво ви се потребни антитела за да бидете безбедни?
Наједноставниот одговор на сите овие прашања е - не. Високиот број антитела по вакцинацијата не може да ви наштети. Напротив, големиот број антитела може само да ви помогне и подолго да ве заштитува, се согласуваат експертите.
- Антителата не пречат, туку пречи друг проблем во организмот што не сме го виделе. Од организам до организам зависи колку антитела ќе направи - вели српскиот имунолог Борислав Каменов.
Д-р Каменов посочува дека освен вакцинацијата, луѓето треба да се посветат и на зајакнување на имунитетот со поздрав животен стил бидејќи поздравиот организам произведува повеќе антитела.
Ова го потврдува и д-р Милена Турубатовиќ, доктор по општа медицина.
Фото: Freepik
- Не може да има вишок антитела. Нормалната реакција на вакцината може да биде до три дена со висока температура, слабост, премаленост и главоболки. Некои вакцини се малку посилни, а некои, условно кажано, послаби. Односно, некои предизвикуваат повеќе бурни реакции, некои помалку, но до три дена сметаме дека е од вакцината. Ако овие симптоми траат три дена, сметаме дека тоа е нормална реакција на вакцината, а ако траат повеќе од три дена, тогаш треба да се јавите на лекар. Тогаш е можно тие лица да се заразиле пред да ја примиле вакцината - вели докторката.
Дали за бустер-дозата на „Синофарм“ важат истите правила?
Докторката напоменува дека во практика ги видела резултатите од тестовите за антитела што оделе и до 40.000 и дека ова пациенти немале никакви контраиндикации, туку само биле подолго заштитени. Посочува дека и тие што имаат 1.000 или 2.000 единици не значи дека се помалку заштитени или незаштитени.
Како доаѓа до создавање антитела и зошто не можете да ги имате премногу, објаснува д-р Томислав Радуловиќ, епидемиолог.
- Нашето тело може да произведе „лоши антитела“ кои ќе го нападнат имунолошкиот систем. Но, тоа не може да се случи со вакцината. Луѓето што имаат висок титар на антитела само се заштитени подолго. На пример, на првата доза не реагирате, а по втората доза отекува на местото на инјектирање и сето тоа е нормално - објаснува д-р Радуловиќ.
Тој, исто така, истакнува дека голем број антитела му носат само добро на телото, но дека нашиот имунолошки систем не се потпира само на антителата, туку има и сложени механизми со кои се брани.
- Не можете да произведете неограничен број антитела и тие да траат засекогаш. Тие исчезнуваат со текот на времето. Затоа постојат мемориски Т-клетки кои траат практично цел живот. Тие ќе го паметат вирусот дури и кога ќе немате повеќе антитела и ако повторно се сретнете со тој вирус, тие ќе му испратат порака на телото што да направи и повторно ќе произведе антитела - посочува д-р Радуловиќ.
Фото: Freepik