Младите возрасни лица кои имаат повисоки нивоа на воспаление поврзано со дебелина, физичка неактивност, хронични болести, стрес и пушење, може да доживеат намалена когнитивна функција во нивните 40-ти, покажа новото истражување од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.
Истражувачите претходно го поврзуваа повисокото воспаление кај постарите возрасни со деменција, но ова е едно од првите истражувања што ги поврзуваат воспалението во раната зрелост со пониските когнитивни способности во средната возраст.
- Од долгорочните истражувања познато ни е дека мозочните промени што водат до Алцхајмерова болест и други деменции може да потраат додека се развијат. Сакавме да видиме дали навиките за здравјето и начинот на живот во раната зрелост можат да играат улога во когнитивните вештини во средната возраст, што пак може да влијае врз веројатноста за деменција во подоцнежниот живот - вели авторот д-р Амбер Бахорик од одделот за психијатрија и бихевиорални науки на Универзитетот во Калифорнија.
Истражувачите откриле дека само 10 отсто од оние со ниско воспаление имале слабо тестирање на брзината на обработка и меморија, во споредба со 21 отсто и 19 отсто од оние со умерени или повисоки нивоа на воспаление.
Истражувањето следело 2.364 возрасни со цел да ги идентификува факторите во младата зрелост што доведуваат до кардиоваскуларни болести две до три децении подоцна.
Учесниците што биле на возраст од 18 до 30 години, биле тестирани четирипати во период од 18 години за воспалителниот маркер Ц-реактивен протеин (ЦРП). Тие полагале когнитивни тестови пет години по нивното последно мерење на ЦРП, период кога повеќето учесници биле во 40-тите и 50-тите години.
Истражувачите ги поврзале повисоките нивоа на воспаление со физичката неактивност, повисокиот БМИ и моменталното пушење.
- Воспалението игра значајна улога во когнитивното стареење и може да започне во раната зрелост. Веројатно постои директен и индиректен ефект на воспалението врз когнитивните вештини. За среќа, постојат начини да се намали воспалението - како на пример со зголемување на физичката активност и откажување од пушењето - кои може да бидат ветувачки патишта за превенција - вели Кристине Јафе, доктор на науки и професор по психијатрија и бихевиорални науки, неврологија и епидемиологија на Универзитетот во Калифорнија.
Извор:
Science Daily
Фото: Freepik