X
 27.10.2023 Наша тема

Со „Светот на Биби“ Македончиња во Чикаго учат да читаат и пишуваат на македонски

Македонската заедница во Чикаго силно ја негува македонската традиција на разни начини, но она што долго време ѝ требаше е школа за македонски јазик во рамките на црквата „Св. Кирил и Методиј“, која на децата ќе им ги открие сите тајни и убавини што со себе ги носи македонскиот јазик. Желбата и замислата конечно се остварија со помош на „Светот на Биби“

Нарциса и Симона се наставнички по македонски јазик, едукаторки кои им го доближуваат македонскиот јазик на сите деца во Чикаго што имаат интерес да ја научат македонската азбука, граматика и сѐ што е поврзано со македонскиот јазик.

Македонската заедница во Чикаго силно ја негува македонската традиција на разни начини, но она што долго време ѝ требаше е школа за македонски јазик во рамките на црквата „Св. Кирил и Методиј“, која на децата ќе им ги открие сите тајни и убавини што со себе ги носи македонскиот јазик. Желбата и замислата конечно се остварени со помош на „Светот на Биби“ затоа што сѐ што им треба и на едукаторите и на децата за да остварат контакт со македонскиот јазик се материјали, читанки, буквари, книги... Што, всушност, е силна страна на „Светот на Биби“.

Запишани 70 деца на час по македонски

- Со оглед на тоа што во предградијата на Чикаго секојдневно се доселуваат сѐ повеќе Македонци, веќе подолго време се чувствува потребата за образовна установа. Така се роди идејата македонската заедница да основа еден вид училиште. Станува збор за лингвистичко-едукативно училиште кое е од суштинско значење за македонската заедница, каде што главна цел е децата да имаат можност да го изучуваат македонскиот јазик, историјата и да ја негуваат македонската традиција и култура. Сето ова е предвидено да се одвива преку разни игри, читање и пишување, користејќи ликовни и музички методи приспособени на возраста на децата - ни споделува Нарциса.



Симона и Нарциса напоменуваат дека ова не е првпат да се отвори училиште од ваков вид таму.
-Генерално оваа замисла, како и реализацијата, постоеше веќе неколку години, но беше во прекин поради ковид-пандемијата. Оваа година новите членови на црковниот одбор и волонтерите едногласно решивме да се реотвори оваа установа. Уште во првиот месец, на наше големо изненадување, се запишаа околу 70 деца на возраст од 4 до 14 години. Само за споредба, претходните години имало 15-20 дечиња вкупно - подвлекува Нарциса.

Две македонски паралелки


Дечињата се распоредени во две групи - малата група е составена од деца од 4 до 6 години, а големата од 7 до 14 години. Двете групи имаат посебна програма, која е малку поразлична од онаа што се изучува во основното почетно образование во Македонија и истовремено е разбирлива за нивната возраст.
- Оваа разлика во бројките по неколку години пауза, како и големиот интерес од страна на родителите и децата сега, нѐ поттикнува за поголемо заедничко залагање за подобар успех и резултати на училиштето. Задоволството на родителите и на дечињата беше видливо уште по првиот завршен час. Иако постои возрасна разлика меѓу децата, тоа не претставува проблем со оглед на тоа што се работи за деца на кои оригинално мајчиниот јазик, овде во Америка, им е всушност втор јазик покрај англискиот - посочува Симона.



Забавна програма во која уживаат децата

Наставата моментално се одржува во помошните простории и објекти што се во рамките на црквата „Св. Кирил и Методиј“, а кои се наменети за одржување просветителна дејност. Часовите се одржуваат еднаш неделно, а по секој час за децата следува кратка веронаука проследена од отец Тони.
- Овие дечиња веќе посетуваат редовна училишна настава на англиски јазик, па затоа решивме нашиот избор на програма да го конструираме така што ќе биде привлечен за сите нив, секако, имајќи го предвид нивното досегашно знаење и разбирање на македонски јазик. Програмите се состојат од разни игри на зборови, букви, цртање и пишување, изговарање, раскажување, како и пеење песнички на македонски јазик. Организираме приредби за претстојните празници со цел да ги вклучиме децата во што повеќе културни настани. Главно наша визија е да создадеме забавен час, кој ќе ги заинтересира децата. За возврат добиваме целосно внимание од нивна страна. Ние како едукатори даваме сѐ од себе за да ја постигнеме првичната замисла, а тоа значи сите деца на крај од учебната година течно да зборуваат и да читаат на македонски јазик, да имаат знаења за местото од каде што потекнуваат нивните предци, како и негување на традицијата и културата - ни споделува Нарциса.

Секаква донација е добредојдена

За делот околу образовната програма голем удел има издавачката куќа „Светот на Биби“.
Тимот на „Светот на Биби“ се залага за промоција на македонскиот јазик, негово зачувување, афирмација, па оттука и поривот и поттикот македонскиот јазик да им биде подостапен на децата надвор од Македонија. Важно е децата да го засакаат јазикот од каде што потекнуваат, важно е да го научат, да го знаат, а за да се дојде до тоа, потребни се материјали, читанки и книги, кои не се баш достапни надвор од Македонија. Ваквиот делотворен гест од „Светот на Биби“ за училиштето по македонски јазик во Чикаго е од голема важност за ширење на македонското писмо и почит кон нашиот јазик. И само почеток на приказната за зачувување на јазикот, изучување на писмото и зајакнување на соработката со македонската заедница во дијаспората, или конкретно во случајот во Чикаго.



-Сакаме да им се заблагодариме од сѐ срце на „Светот на Биби“ за нивните донации на читанки, буквари, книги и сл. од кои се преземени многу делови. Се надеваме на соработка и во иднина. За крај, голема благодарност до сите што се залагаат и вложуваат за овој едукативен проект да биде на ниво, сепак, се работи за нашите деца, а знаеме дека децата се нашата иднина. Секаков вид помош и донација е добредојдена. Се трудиме ова да биде една успешно завршена приказна - посочува Симона.

Од македонските иселеници во Чикаго, меѓу кои е и Наташа Павлова, ни споделија дека вистинска радост е да се види Биби под небото на Чикаго затоа што 12 отсто во едно од училиштата во Чикаго се Македончиња. Друг родител, исто така, дал симболична, но за децата суштинска донација од „Светот на Биби“ во библиотеката за Биби да им биде достапна на сите деца што ја обожаваат.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема