X
 01.09.2023 Живот

Автошкола во Јапонија нуди часови за возење под дејство на алкохол

Полицијата и инструкторите за возење во еден јапонски град прифатија нов пристап кон безбедноста во сообраќајот, надевајќи се дека ќе ги намалат случаите на возење во пијана состојба. 

Автошколата „Чикушино“ во југозападниот град Фукуока неодамна почна да нуди часови за контролирано возење под дејство на алкохол за да ги увери возачите дека се премногу самоуверени додека возат под дејство на алкохол.

Оваа иницијатива се случи на 17-годишнината од смртта на две четиригодишни момчиња и нивната едногодишна сестра. Тие загинале кога во автомобилот во кој се наоѓале удрило возило управувано од лице кое било под дејство на алкохол.

Меѓу возачите што учествувале во овој експеримент биле и двајца новинари. Новинарката возела со 0,30 милиграми алкохол во крвта, додека нејзиниот колега бил трезен. За време на возењето трезниот новинар забележал дека неговата колешка често забрзувала повеќе од вообичаено и беспотребно забавувала. Освен тоа, инструкторот ја сопрел пред да влезе во опасен свиок со повисока брзина. Во еден случај новинарката возела во спротивна насока.

- Иако консумирањето алкохол ги нарушува вештините потребни за возење, како што се когнитивните способности, расудувањето и способноста за маневрирање со возилото, возачот претпоставува дека вози безбедно. Ова е опасноста од возењето под дејство на алкохол - изјавил инструкторот.

Јапонската полиција соопштила дека многу луѓе возат под дејство на алкохол без да направат несреќа, што им дава чувство на самодоверба и продолжуваат да го повторуваат опасното возење. Веројатноста да се случи сообраќајна несреќа со смртен исход е седум пати поголема кога возачот е под дејство на алкохол.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Pixabay 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот