Министерот за здравство Фатмир Меџити информира дека е направена уште една трансплантација на срце и бубрези во земјава. Со донираните органи им е дадена шанса за нов живот на тројца пациенти.
- Благодарение на хуманоста на едно семејство кое, и покрај болката од загубата на член од семејството, успеа да собере храброст и да се одлучи да спаси не еден, туку неколку животи, денес тројца пациенти добија здрави органи и шанса за нов живот - изјави министерот.
Тој му се заблагодари на семејството на донорот, но и на тимот кој работел 24 часа без прекин.
Упатувам огромна благодарност до семејството на донорот, изразувам длабоко сочувство за нивната загуба, но и почит за нивната одлука, за нивната хуманост и храброст. Живот може да се подари само ако за тоа имате доволно љубов и емпатија во себе. Благодарност и за целиот тим кој изминативе 24 часа без прекин работеше и сѐ уште работи на клиниките вклучени во трансплантацијата - истакка Меџити додавајќи дека е горд на кадарот.