Од Клиниката информираат дека пациентот Иван од Кочани е највозрасниот пациент со акутна леукемија, кој е лекуван со ваков современ тераписки пристап на клиниката
Стручниот тим на Универзитетската клиника за хематологија првпат изврши трансплантација на хематопоетски матични клетки од несроден донор кај пациент на 68-годишна возраст, со дијагноза акутна миелобластна леукемија.
Од Клиниката информираат дека пациентот Иван од Кочани е највозрасниот пациент со акутна леукемија, кој е лекуван со ваков современ тераписки пристап на Клиниката. Применето е немиелоаблативно кондиционирање со хемотерапија пред интервенцијата, адаптирано на возраста на болниот и неговите коморбидитети.
- Му посакуваме успешен исход од лекувањето и упатуваме благодарност до несродниот хуман донор од Германија, кој на возраст од 21 година одлучи несебично да донира матични клетки и да спаси човечки живот. Воедно, тимот од Универзитетската клиника за хематологија и македонскиот регистер на доброволни донори со континуирана поддршка од Министерството за здравство и во овие сериозни времиња на пандемија овозможија непрекинато одвивање на овие интервенции со клеточен материјал, кој се транспортира од странски донорски регистри - посочи директорката Ирина Пановска-Ставридис.
Д-р Пановска-Ставридис потсетува дека во континуитет продолжува кампањата „Биди срцевина, биди херој“, со апел граѓаните да ја покажат својата хуманост и солидарност со зачленување во регистарот, со што ќе станат потенцијални дарители на коскена срцевина.
Фото: Министерство за здравство