Родителите често ги грешат имињата на децата, а експертите спровеле и истражување за да ги детектираат причините заради кои ова се случува.
Во
истражувањето учествувале 1.700 испитаници. Се покажало дека мајките и татковците меѓусебно ги грешат имињата на своите деца па и на семејниот миленик, додека пријателите ги грешат имињата на своите блиски другари. Повеќе од половината испитани студенти (1.500) изјавиле дека родителите и пријателите погрешно ги именувале.
Имено, се работи за тоа како ги складираме податоците во мозокот. Системот за складирање потсетува на каталогизација каква што применуваат библиотеките. Како сите оние книги за психологија се редат на иста полица, така и имињата на членовите на семејството ги паметиме во ист „директориум“, а имињата на пријателите во друг. Грешките се случуваат во самите категории. Честа појава е во самиот мозок да се случи грешка, односно да се каже погрешно име од одредена категорија.
Посебно е интересно што во целата таа збрка со имиња, се вклучува и грешката во врска со името на кучето миленик, но тоа не се случува и кога се во прашање мачки или други миленичиња. Тоа ни открива друга природа на врската која луѓето ја имаат со своите кучиња. Грешките при именувањето, се случуваат најчесто кога луѓето се уморни или лути.
Ако сте склони кон грешење на имиња, не грижете се – тоа не е показател за пропаѓање на мозочните ќелии, велат
експертите, бидејќи со оглед на огромниот број на податоци во нашите глави, чудо е и што успеваме да го погодиме вистинското име на одредена личност.