Иако сите овие елементи се еднако важни, наједноставниот елемент за користење од страна на учителите е втемелување успешна комуникација. Иако е општопознато дека и учителите и родителите претендираат да ги споделуваат искуствата и да бидат поврзани, многу учители сепак не знаат какви пораки треба да споделуваат. Нашите истражувања покажаа дека 40 проценти од учителите ја оценија „поддршката од родителите“ како „фактор број еден во постигнувањето на успехот кај ученикот“, па дури и го рангираат пред своите вештини за подучување, кои не се доволни.
Успешната комуникација со семејството и вклученоста на родителите може многу да значат и за учениците, што може да има долготраен учинок за изградба на добри односи и на заедницата. Со овие 10 клучни пораки ќе имате попис на идеи на располагање кои ќе можете да ги воведувате и да ги применувате веднаш, но и да им се навраќате одвреме-навреме.
# Вашето дете постигнува успеси кои можеме да ги споделиме
Клучот за успешна комуникација меѓу учителот и родителите е честото споделување позитивни пораки за да се изгради доверба, а со текот на времето и - позитивна училишна клима. Одржувањето на неделно натпреварување во читање или избор на ученик на неделата и споделувањето на нивните успеси со родителите создава атмосфера во која родителите се чувствуваат пријатно и сакаат да се здружат со вас во случај на какви било проблеми.
# Вашето дете има „еурека“ моменти кои мора да ги знаете
Кога домашната задача и оценките им се единствениот увид во активностите на нивните деца, родителите го пропуштаат нивниот процес на учење и не можат да разберат како најдобро да го поддржат своето дете. Учителите треба да ги известуваат родителите за „клучните случувања“ и „еурека моментите“ во одделението, и да го поттикнуваат семејството да создава моменти на учење и надвор од училиштето.
# Вашето дете направи нешто убаво. Разговарајте со него за тоа.
Кога со родителите ќе споделите некаква убава и топла приказна или убава фотографија од излетот, тоа им помага да се чувствуваат вклучени во активностите на нивните деца. Ова е особено важно за родителите чија работа или околности не дозволуваат нивна лична вклученост.
# Можете да му помогнете на вашето дете на овој начин...
Повеќето родители би сакале да поддржат учење во домот, но очекувањата и курикулумот доживеале многу промени откако и самите биле ученици. Тука може учителот активно да се вклучи и да им покаже како можат да им помогнат на децата во учењето.
# Еве некои прашања што можете да им ги поставите на вашите деца...
Повеќето родители би сакале да имаат поголем увид во училишниот живот на своето дете, но за жал запнуваат на прашањата како „Како беше денес на училиште?“ Учителот може да им помогне на родителите да ја совладаат таа препрека така што ќе им препорача „поотворени прашања“. Поучувањето на родителите за важноста на прашањата како: „Зошто? Што? Како? Каде?...“ , ќе им помогне да го мотивираат своето дете за да може да се издигне во своите размислувања над голите факти и да почне да размислува критички. Наместо да прашате „Како беше денес на часот?“, обидете се да прашате „Кој час денес ти беше најубав?“
# Еве некои алтернативи за домашните задачи
Препорачајте им активности надвор од училиштето кои на семејствата ќе им помогнат во приврзувањето користејќи некои теми што ги учите во одделението – на пример, да ги однесат децата со себе кога гласаат на избори, да ги заменат улогите (родителот нека е ученик, а детето нека му објаснува некоја тема), да дебатираат за некој новински напис заедно.
# „Благодарам!“
Сакате да покажете благодарност за поддршката на родителите? „Пинтерест“ е одличен извор на идеи за знаци на благодарност кои можете да ги споделувате со родителите, но потврдувањето на трудот на родителите не мора да подразбира дарување. Благодарноста кон некој посебно ангажиран родител во одделенскиот билтен или е-порака ќе ја зајакне неговата самодоверба и ќе му овозможи чувство на постигнување, а попатно ќе мотивира и други родители да се однесуваат така.
# Гласот на вашето дете е важен во моето одделение
Еден од можните начини да го направите тоа е да ги потврдите посебните моменти на одредени ученици. Родителите најмногу ги ценат учителите што прават напори да ги споделуваат моментите на развој на учениците, без оглед дали ќе бидат објавени во форма на досетлив коментар или, пак, на креативниот начин на кој ученикот му пристапил на одредениот проблем.
# Знам дека животот дома понекогаш може да биде тежок
Затоа почнете од препознавањето на начинот на поддршка на семејството. Споделувањето посебни моменти отвора можност за директна, еден-на-еден комуникација со родителите, што со текот на времето дозволува градење доверба за да се расправа и за други проблеми. Препознавањето на предизвиците со кои се соочуваат родителите може да ги пресврти работите во семејството кое се соочува со проблеми и да се преобрази однесувањето на детето и неговиот успех во училиштето.
# Јас ќе работам со вас. Еве како...
Едукаторите често имаат години и децении искуства, додека родителите што првпат ги оставаат децата во училиште всушност и не знаат што да очекуваат. Ако им објасните зошто и како треба да соработуваат, тоа може да ги поттикне да носат правилни одлуки за тоа како да се впуштат во соработката со вас, и да ја сфатите вредноста и влијанието на вашата поддршка. Понекогаш и едноставното охрабрување може многу да значи – како она кога на родителите ќе им кажете дека нивното учество во училишните активности може да му помогнат на детето да почне да ја цени едукацијата.
Автор:
Тери Хејк – уредник на порталот „Teach Thought“.