X
 28.02.2019 Живот

Револуција на патиштата! Ново правило за возачите во ЕУ

Сите нови автомобили што ќе се продаваат на територијата на Европската Унија ќе имаат ограничувач на брзината, најави Европската агенција за безбедност во сообраќајот (ЕТСЦ).

Тие имаат намера оваа новина, со која би се спречило надминувањето на дозволената брзина на патиштата на Стариот континент, да ја воведат во следните три години, а предлогот беше усвоен од страна на пратениците на Европскиот парламент.

Ограничувачите на брзината, чие целосно име е „интелигентна асистенција во брзината“ (ИСА), користат софтвер за препознавање на сообраќајните знаци, како и ГПС-податоци за да ја одредат максималната брзина на одреден дел од патот.

Ако возачот вози побрзо отколку што е дозволено, автомобилот прво ќе го предупреди, а потоа ќе ја ограничи силата на моторот и сам ќе ја намали брзината.

Тоа значи дека доколку Германија го исполни ветувањето и воведе ограничување на брзината на автопатиштата, веќе никаде во Европа нема да може да се вози со брзина поголема од 130 километри на час.

 - Овој сет од правила претставува голем чекор напред за безбедноста на патиштата во Европа и би можело да се спасат 25.000 животи за 15 години. Сепак, тој ќе се однесува само на новите возила, па важно е правилата да бидат усвоени и имплементирани што е можно поскоро. Правилата за безбедност на патиштата во ЕУ последен пат се сменети во 2009 година и веќе немаме време за губење - истакна Антонио Авеносо, извршен директор на Европската агенција.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот