Македонските граѓани од овој месец имаат за 30 проценти поевтин роаминг со земјите од ЕУ, потврди денеска министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.
- Од 1 октомври стапи во сила Договорот помеѓу операторите на ЕУ и операторите во Западен Балкан за намалување на цените на роаминг-податоците во рамките на процесите во ЕУ. Тоа значи дека нашите граѓани и бизнисот кога ќе одат надвор, веќе имаат 30 проценти помали трошоци за роаминг и обратно, значи граѓаните или бизнисите од ЕУ во Македонија ќе имаат 30 проценти намалени трошоци за роаминг - рече министерот Алиу, кој одржа брифинг со медиумите.
На прашањето што би значело тоа во однос на цените, Алиу рече дека тие се во надлежност на операторите.
- Очекуваме операторите овие денови да излезат со понуди, со пакети во кои ќе ги понудат цените бидејќи Договорот е помеѓу операторите на ЕУ и операторите на Западен Балкан - рече министерот Алиу.
Тој нагласи дека се дефинирани и активности за натамошно постепено намалување на цените за роамингот и тоа во 2026 година ќе има намалување за 30 проценти, а се очекува во 2028 година цените за роаминг да бидат исти како цените на тие услуги што ги има на домашен пазар.
-Тоа значи дека во 2028 година истите цени ќе ги имаме и внатре и надвор од државата - вели министерот за информатичко општество и администрација.
Посочи дека сите оператори се согласиле да ги намалат цените и оти од операторите зависи како ќе комуницираат со граѓаните и дали ќе информираат преку кампањи, бидејќи станува збор за приватен сектор.
Извор: МИА