Ректорот на УКЛО и ректорот на Универзитетот од Белград, Сашо Коруновски и Иванка Поповиќ, се сретнаа денеска во Битола во седиштето на УКЛО, по потпишувањето на Меморандумот за соработка. Во Ректоратот на УКЛО на работната средба во дефинирање на кооперацијата учествуваа и претставници од менаџментите на двата пријателски универзитети.
Потврдено е дека соработката е од заемен интерес и искажана е подготвеност за реализација на заеднички активности и програми за размена на наставен кадар, студенти, учество во истражувачки проекти и други форми на академски собири, посебни краткорочни академски програми, програми за професионално усовршување и други области од заеднички интерес. Ова, меѓу другото, се и дел од можностите за соработка што ги содржи Документот верификуван на 27 февруари оваа година во Скопје, на Факултетот за безбедност-Скопје, каде што е потпишан Меморандумот. Ректорката Поповиќ по тој повод одржа и предавање на тема „Истражување и иновации за квалитет и релевантност во високото образование и можности за студентите“.
Ректорот Коруновски изјави дека најмногу ќе се разработуваат истражувачки проекти од програмата Еразмус кои даваат можност за соработка во развивање заеднички студиски програми и за истражувачки проекти. Истакна дека сакаат да ја интензивираат и промовираат и мобилноста на студенти и кадар.
- Универзитетот во Белград е значаен од регионален и од европски аспект и врските и подобрувањето на соработката со него ќе ни помогнат и ние да се пробиеме во многу сфери што сега не ни се достапни. Науката и образованието не познаваат големи и мали универзитети, туку универзитети кои сакаат да бидат добри и кои не се трудат да бидат добри. Искуствата на Белградскиот универзитет, кој е високо рангиран на Шангајската листа, сакаме да ги споделиме и, на некој начин, да ни помогнат да ги подобриме нашите перформанси - изјави ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски.
Тој очекува соработката да биде воспоставена и со други значајни универзитети на Балканот за да се направи, како што рече, поширока универзитетска мрежа што ќе им биде корисна на земјите и на владите од регионот.
Ректорката на Универзитетот во Белград, Иванка Поповиќ, истакна дека ова е убава можност двата универзитета да ја унапредат соработката, која трае долго.
- Ова е можност да го обновиме договорот за соработка кој постои и да поразговараме за поблиски облици на соработка – меѓусебна, но и во рамките на Ректорскиот форум на ЈИЕ и Западен Балкан. Регионалната соработка е исклучително важна зашто сите во регионот имаме слични проблеми и слични предизвици. Една од темите на разговорите беше поврзана со вработување на младите и одливот на младите луѓе и сметаме дека тоа е патот по кој треба да се движиме зашто, благодарение на заедничката соработката и соработката со стопанските субјекти, ќе им се дадат можности на младите луѓе полесно да дојадат до потенцијална работа во регионот. Со вакви амбициозни иницијативи, бидејќи во крајна линија улогата на Универзитетот се менува и треба да се има поголема интеракција со реалноста и со јавноста, мислиме дека соработката поврзана со мобилноста и во науката е можност да добиеме средства од меѓународни фондови. Исто така, и сличноста во традициите ќе ни помогне да одиме само напред. Се надеваме дека ова е потврда на она што досега го работевме и дека секогаш може подобро - изјави Поповиќ.
Инаку, Универзитетот во Белград има 31 факултет, 11 институти и 100.000 студенти. Од 2012 влезе во првите 500 универзитети на Шангајската листа.
Ректорот на Универзитетот во Белград, проф. д-р Иванка Поповиќ, реализира неколкудневен престојот во земјава. Официјалната посета по престојот во Битола се заокружува утре, со посета на Охрид.
(Комерцијална објава)