Фондацијата „Конрад Аденауер“ од Германија ќе продолжи да биде значаен партнер на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ и неговите факултети и во следниот период. Ова е потврдено на денешната средба на проректорот на УКЛО и Еразмус институционален координатор, проф. д-р Марјан Ѓуровски, со Даниел Браун, нов директор на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во државата.
На средбата беше истакнато значењето на академската размена на знаења и искуства меѓу студенти и професори од земјите од регионот и Германија преку проектите што Фондацијата ќе продолжи да ги спроведува со Универзитетот во функција на зајакнување на довербата во регионот и неговата целосна европска интеграција.
- Преку соработката на фондацијата „Конрад Аденауер“ со државниот универзитет „Свети Климент Охридски“ значајно се придонесува кон зацврстување на македонско-германските односи, европските интеграции на земјата и потикнување поголема академска соработка која произлегува од Берлинскиот процес - рече проф. Марјан Ѓуровски, притоа нагласувајќи дека не смее да се потцени и треба да ги остави будни сите влијанието на новите државни актери во регионот за време на процесот на справување со актуелната пандемија.
Директорот Браун и проректорот Ѓуровски договорија во претстојната година, согласно епидемиолошките услови, да се реализира Регионална универзитетска школа со студенти и професори од земјите во регионот, а воедно да се продолжи заедничката издавачка дејност на учебници и учебни помагала за студентите од Универзитетот.
(Комерцијална објава)