X
 28.02.2024 Технологија

„Гугл“ воведува вештачка интелигенција во „Пораки“ и „Андроид ауто“

Иако нема да претстави нови телефони на овогодишниот мобилен конгрес МВС во Барселона, „Гугл“ најави некои подобрувања на „Андроид АИ“ со внесувањето на вештачката интелигенција на неговата платформа. Така, „Гугл“ ќе го интегрира својот модел со вештачка интелигенција „Џемини“ во апликацијата „Пораки“ и ќе додаде паметни текстуално-гласовни резимеа од пораки додека возите, базирани на вештачка интелигенција, на платформата „Андроид ауто“.

Почнувајќи од оваа недела, корисниците на „Пораки“ (Messages) ќе можат да пристапуваат до чет-ботот на „Гугл“ без да ја напуштат апликацијата за пораки. „Џемини“ (Близнаци) во „Пораки“ ќе може да извршува основни задачи, како пишување пораки, и да помага во планирањето на настаните, а и ќе може едноставно да разговара со вас ако ви е здодевно. Функцијата е сè уште во бета-верзија и моментално е достапна само за оние што користат пораки на англиски јазик, велат од „Гугл“.

„Андроид ауто“добива и АИ засилување, што може да помогне во намалување на дистракциите од луѓето што ви пишуваат пораки додека возите. Ако групен разговор го преплавува вашиот телефон со бескрајни пораки или некој ви испраќа „романи“ со текст, „Андроид ауто“ автоматски ќе ги кондензира пораките и ќе ви ги прочита во пократка верзија. Исто така, ќе предложи одговори и дејства врз основа на пораки, како што е споделување на времето на пристигнување, за да можете да одговарате со еден допир и да се фокусирате на возењето.

„Гугл“, исто така, објави некои нови функции за пристапноста на „Андроид“ на саемот, вклучувајќи описи на слики генерирани со вештачка интелигенција во апликацијата „Лукаут“. Ќе може да генерира описи за слики пронајдени на интернет или кои се примени во пораки и да му ги чита на корисникот. Оваа функција засега ќе биде достапна само на англиски јазик, но со текот на времето ќе биде глобално достапна.


Функцијата „Гугл ленс“ во апликацијата „Карти“ добива и подобрена опција за читач на екран, која ќе им овозможи на корисниците да ја насочат камерата на телефонот кон нешто што се наоѓа пред нив, како ресторан или транзитна станица, и да добијат информации за тоа што го прикажуваат на камерата.

Ажурирањата на „Андроид“ вклучуваат и нови контроли за „Спотифај“, наречени „Спотифај конект“, така што корисниците можат без проблем да се префрлаат од уред на уред, како што е префрлањето од слушалки на звучници. Истата функција веќе беше достапна за услугата „Јутјуб мјузик“, а со оглед на тоа што сега пристигнува и на „Спотифај“, во иднина можеби ќе ја видиме и во други апликации за стриминг.

Извор: Benchmark

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија