X
 20.08.2023 Живот

Поради вештачката интелигенција, некои професори бараат радикална промена во пишувањето испити

Студентите и учениците сѐ повеќе користат вештачка интелигенција при полагање на испити, а професорите се обидуваат да најдат решение за ваквото препишување.

Потенцијалот на вештачката интелигенција во образовниот систем е исклучително голем. Вештачката интелигенција би можела да стане еден вид персонализиран учител кој би можел да им помогне на учениците во нивното образование и да им обезбеди подобро образование според нивните интереси. Се разбира, при тоа, вештачката интелигенција треба да биде само помош за наставниците кои сепак треба да ја задржат својата улога, односно дури и тие би можеле да користат вештачка интелигенција за да го подобрат начинот на кој се образуваат.

Но, како и во другите сектори, вештачката интелигенција е меч со две острици. Ова стана очигледно откако „ЧетГПТ“ стана достапен за јавноста и многу ученици и студенти почнаа да го искористуваат за да мамат на испитите. За каков проблем станува збор најдобро можеме да видиме по коментарот на професорот Тимоти Мејн од Универзитетот во Конестога во Канада, кој вели дека ситуацијата е целосно критична. Како доказ за тоа го издвои одговорот на еден студент на прашање на испит: Јас сум само јазичен модел, немам мислење за тоа.

Уште еден доказ во оваа насока е дека употребата на алатки за истражување, вклучително и библиотечни бази на податоци, е намалена од појавувањето на „ЧетГПТ“, што значи дека чат-ботови со вештачка интелигенција ја замениле научната форма на литература што претходно ја користеле студентите.

Како што учениците и студентите користат вештачка интелигенција сѐ повеќе и повеќе, професорите размислуваат и за начини како да се борат против мамењето и употребата на вештачка интелигенција која започна со решавање на испити, пишување есеи и слично.

Професорот од Универзитетот Св. Џонс во Њујорк Бони Меккелар се одлучи за интересен метод. Наместо да користат компјутери, учениците треба да ги напишат кодовите со молив, на хартија. Исто така, ваквите тестови напишани со моливи ќе имаат поголем удел во вкупната оценка. Меккелер слушнал од многу страни како професорите се враќаат на стариот принцип на пишување хартиени тестови и верува дека, во оваа ера на вештачка интелигенција, ова е иднината на студентите.

Но, ова не се единствените промени со кои се експериментира за да се спречат учениците да користат вештачка интелигенција при решавање на задачите. Така, Бил Харт-Дејвидсон од Универзитетот во Мичиген како едно решение ја спомена промената во начинот на поставување прашања, што може да ја збуни вештачката интелигенција. Исто така, учениците треба да опишат како дошле до одговорот за да се знае дека го напишале, а не вештачката интелигенција.

Некои од идеите вклучуваат историја на нацрти и уредување на есеи или тестови, како и документ кој покажува погрешно напишани реченици кои потоа биле сменети од студентите. Сето ова треба да послужи како доказ дека тестовите навистина ги напишале студенти, а не дека тие само користеле некој чат-бот со вештачка интелигенција кој го дал одговорот за нив.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот