Дејза Тејлор е средношколка која измислила конец што ја менува бојата при инфекција. Конецот може да се примени за шиење рани по операции бидејќи може да покаже кога има инфекција на раната.
17-годишната средношколка од Ајова, САД, почнала да работи на проектот во октомври 2019 г., а нејзината професорка по хемија ѝ помагала споделувајќи информации на натпревари на кои таа можела да учествува. Додека работела на својот изум, Дејза добила повеќе награди на саеми и натпревари, а во јануари била една од 40. финалисти во најстариот и најпрестижен научен натпревар за средношколци во САД, „Регенерон сајенс талент срч“.
Дејза читала за конци потопени во материјали кои може да ја препознаат состојбата на раната поради промените во електричен отпор, но досегашните изуми барале скапа технологија. Дејза успеала да го адаптира овој изум со помош на цвекло. Таа открила дека цвеклото ја менува бојата на одредена pH-вредност, а оваа вредност се зголемува во кожата при инфекција на раната. Светлоцрвениот сок од цвекло станува темен на pH-вредност од 9, која е вредноста на кожата при инфекција.
Изумот на Дејза е конец од памук и полиестер потопен во сок од цвекло. Дејза открила дека конецот ја менува бојата од светлоцрвена во темноцрвена и дури и во виолетова по само пет минути на инфицирана рана. По три дена виолетовата боја станува светлосива.
Дејза се надева дека нејзиниот конец еден ден ќе им помага на пациентите и докторите да препознаат инфекција на рани порано. Таа планира да го патентира изумот, а во меѓувреме чека резултати од уписи на факултет. Се надева дека ќе биде примена на Универзитетот „Хауард“, на кој сака да студира политички науки за во иднина да работи како адвокат.
Автор: Тереса Машемер
Извор:
smithsonianmag.com
Фото: Принтскрин/Youtube